ДА СЕ РАЗРЕШАТ ШАЌИРИ И ХАСИПИ Левица ги обвинува за хаос и незаконско работење во образованието
Најмногу загрижува тоа што МОН молчи, односно не се произнесува, а до училиштата ниту нема доставено каков било официјален документ, додека Бирото за развој на образование упатува насоки, кои се спротивни на важечките законски одредби.
Левица бара да се разрешат Јетон Шаќири и на директорот на Бирото за развој на образованието Зекирија Хасапи поради, како што наведуваат во денешното соопштение, катастрофалната состојба во која се наоѓа државното образование посебно по објавувањето на насоките за реализација на наставата од прво до шесто одделение.
Партијата тврди дека овие насоки кои ги добија училиштата се спротивни на Законот за основно образование и Законот за учебници.
-Насока која се коси со важечките законски прописи е минималниот пропишан неделен фонд на часови кај модуларните наставни предмети (15 односно 16 часа)! Само за споредба, согласно важечките законски прописи, минималниот пропишан неделен фонд на часови изнесува 20 наставни часа. За најголем дел од новите наставни предмети речиси не постои соодветно квалификуван кадар. Учебниците, според споменатите насоки, се прогласени за незадолжителни, што е во спротивност на важечкиот Закон за учебници! – велат од Левица.
Според Левица, најмногу загрижува тоа што МОН молчи, односно не се произнесува, а до училиштата ниту нема доставено каков било официјален документ, додека Бирото за развој на образование упатува насоки, кои се спротивни на важечките законски одредби.
– Очигледно е дека по жестоката реакција на јавноста во врска со Концепција за образование, истата се турка на мала врата – велат оттаму.
Партијата забележува дека министерот Јетон Шаќири манипилира со јавноста.
– Во неодамнешно интервју убедуваше дека ќе има учебници на 1 септември и тоа во иста реченица со изјава дека дел учебници само што ја поминале рецензентската комисија, а дел уште немаат поминато рецензентската комисија! – забележуваат од партијата.