Да се преговара со Софија и за што – предизвик подложен на историска грешка!
Сметам дека актуелната политичка гарнитура треба час поскоро да ги прекине овие бесмислени преговори за да не направи историска грешка што не ја направил ниту еден политичар пред нив – да го предаде сопствениот народ, вели д-р Елка јачева Улчар од Институтот за македонски јазик.
Државниот врв да не потклекне и да не преговара за идентитетот и за јазикот, да се прекинат преговорите со Бугарија за да не се направи предавство на народот, да се раскинат сите нелегитимни и штетни договори и да се почне одново мирен и цивилизиран процес на легитимација на македонската држава, предлагаат академици, доктори на наука и поранешни дипломати во врска со преговорите со Бугарија, која корените на македонскиот идентитет и јазик ги издигна на ниво на услов за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
И додека премиерот Зоран Заев и шефот на државата Стево Пендаровски речиси секојдневно преку изјави и интервјуа ја убедуваат јавноста дека за идентитетот и за јазикот нема преговори, дека тоа се црвените линии преку кои нема да поминат и по цена на одлагање на почетокот на преговорите со ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи се на дипломатски кругови тврди Заев и Бучковски тајно преговараат Декларацијата на бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ.
Ако се раководиме од бугарската логика, тогаш сме непостојна нација
За тоа дали има реална опасност сепак да се преговара за етногенезата на македонската нација и за историјата на нашиот јазик, д-р Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик вели дека не разбира како нашите политичари сметаат дека нема да преговараат за македонскиот идентитет кога бугарската страна инсистира дека основното идентитетско обележје на македонската нација – македонскиот јазик да постои од 1945 година. Според Улчар, самите позиции на Бугарите се контрадикторни. Тие велат дека немаат проблем да го именуваат нашиот јазик како македонски, а од друга страна наголемо промовираат книга под наслов „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ во која за македонскиот јазик се вели дека е западен дијалект на бугарскиот.
– На ваквото именување, произлезено од БАН, инсистирале и бугарските европратеници во Брисел, за што бевме известени од Виена минатата година во март. Во однос на нашите политичари не разбирам како сметаат дека нема да преговараат за македонскиот иденитет кога бугарската страна инсистира дека основното идентитетско обележје на македонската нација – македонскиот јазик – постои од 1945 година исто како и неговите говорители, Македонците. Од сево ова произлегува дека ние до 1945 година сме биле Бугари и дека во 1945 година со декрет сме станале Македонци, што е тотален нон-сенс зашто и македонскиот јазик си има своја долговековна историја, а македонската нација си има свој природен развој, како и секоја друга нација, кој поради историските околности е задоцнет во однос на другите балкански нации – вели Улчар.
Таа објаснува дека ако се раководиме од бугарската логика, ние треба официјално да признаеме дека сме непостојна нација, со непостоен јазик, односно не само што ќе треба да се откажеме од Македонците во Пиринска Македонија (Бугарија), туку и од Македонците во Македонија, т.е. од самите себеси, па да речеме дека асномските начела биле историска грешка и заблуда под диктат на комунистите.
– Јас не разбирам какво е тоа непреговарање за идентитет ако некој како услов за „дружба“ ти поставува да се откажеш од своите баби и дедовци, мајка и татко, од своето детство, младост… Апсурд! Човек без овие нешта е човек без меморија, а тој, пак, не само што не е истиот, туку и не е човек! Затоа сметам дека актуелната политичка гарнитура треба час поскоро да ги прекине овие бесмислени преговори за да не направи историска грешка што не ја направил ниту еден политичар пред нив – да го предаде сопствениот народ – децидна е Улчар.
Ќе биде катастрофална грешка ако се попушти на уцените од Бугарија
Поранешниот дипломат Благој Зашов, пак, вели дека е цврсто убеден дека нашите политичари ќе истраат на ставот дека идентитетот и јазикот не се тема на преговори.
– Кон тоа се приклучуваат и нашите европски пријатели и тие ќе помогнат за наоѓање соодветно решение кое ќе ги задоволи и двете страни. Во оваа прилика би потсетил на еден мој разговор во Советот на Европа во 1994 година, кога висок функционер во Советот ме убедуваше дека Бугарија не е искрена кон Република Македонија и дека со Грција ќе најдеме компромис, но дека тоа ќе биде многу тешко со Бугарија. Токму затоа Бугарија ја призна државата Република Македонија, но не и јазикот и народот. Тоа се реализира токму сега. Бугарија сега ја испорачува стратегијата изготвена од многу поодамна. Тоа што не се договоривме со Грција пред Бугарија да стане членка на ЕУ, сега ни се осветува како на Македонци, како народ и како на политичари – вели Зашов.
Според него, не можевме да сфатиме дека силата на државите членки е во членувањето во тие организации. Процедурите во ЕУ и влијанието што Грција и Бугарија го имаат во тие организации им дава сила на уцена кон друга земја.
– Верувам дека би била направена катастрофална грешка ако се попушти на уцените од Бугарија. Ова е војна која Бугарија ја води за освојување на Македонија, но со поинакви средства, војна за остварување на „Санстефанскиот сон“ – предупредува Зашов.
Евентуалното компромисно решение со Бугарија, смета тој, е можно ако се појде од португалскиот план, патоказ, ако се појде од фактите дека македонскиот јазик е стандардизиран. Зашов вели дека тоа што македонскиот јазик е стандардизиран подоцна, не значи дека нема корени. Само јазик со корени може да биде стандардизиран и тоа од страна на државата. Бугарија, пак, според него, мора да тргне од фактите, односно дека македонскиот јазик има македонски корени.
По ребрендирањето на идентитетот, сега на пат сме да се самоукинеме
Академик Катица Ќулавкова за Плусинфо вели дека со Бугарија не смееме да прифатиме било какви преговори за македонскиот историски и културен идентитет, но дека Бугарија со своите официјални документи на Владата и на Собранието, доставени и прифатени како основа за разговори и од ЕУ, токму тоа го поставува, ултимативно, како услов за давање датум за почеток на преговорите за влез на РС Македонија во ЕУ.
– Нашите политички претставници го нудат со невидена леснотија она кое е темел на историјата, културната историја и историскиот континуитет на македонскиот народ и на македонската нација како залог за една апстракција, едно ветување кое нема никаква гаранција, а дури и да се случи станува обесмислен со самиот факт што не може да биде добро и цивилизирано да се откажете од себе, за да бидете во една заедница со субјекти кои не ве почитуваат ни вас, а ни кодексот на националниот и државен суверенитет според важечките меѓународни конвенции. Ние веќе не сме ни само брутален преседан, ние со ребрендирањето на идентитетот и откажувањето од културно-историскиот континуитет и идентитет се делегитимиравме како препознатлив национален субјект и сега сме на пат да се самоукинеме преку внатрешни поделби, силна македонска миграција ширум светот, како и со обновени и засилени асимилациски и хегемонистички стратегии на соседите – вели Ќулавкова.
Таа додава дека во мигот кога претседателот и премиерот ќе се согласат на бугарските ултимативни и лицемерни барања кои спинуваат дека ни признаваат идентитет, ама од 1945 година, ќе се отвори процес на присилна бугаризација на македонскиот идентитет – етнички, културен, историски, јазичен.
– Се откажете ли од својата генеза и историја, сте се откажале од сувереното право да постоите. Македонците имаат словенска генеза и култура, и во никој случај не содржат пробугарски и бугарски елементи – вели Ќулавкова.
Таа предлага под итно да се донесе државен консензус за раскинување на сите нелегитимни и штетни спогодби и договори и да се почне одново мирен и цивилизиран процес на легитимација на македонската држава.
Има ли тајни преговори!?
Претседателот Пендаровски во последното интервју дадено за „Политика“ е на линијата на академиците и професорите дека за македонскиот идентитет не може да се преговара и дека нашата државност и нашиот стандарден јазик се заокружен процес и тој факт треба да биде прифатен од сите, како клучен чекор кон градењето на соработка имајќи предвид дека сите соседни држави имаат иста стратешка ориентација во Европската Унија.
– Македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, резултат на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи – вели Пендаровски во интервјуто.
Премиерот Заев тврди дека ништо не кријат во преговорите со Бугарија и дека на маса е португалскиот предлог, за кој вели дека е добра основа за решение. Тој вели дека доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса, нема да преговараат и дека не прифаќаат бугарската Декларација да биде дел од преговорите со ЕУ.
За тоа дека Заев и Бучковски во тајни разговори со Бугарија прифатиле Декларацијата од бугарскиот парламент да биде дел од преговорите со ЕУ, минатата недела алармираше Мицкоски.
– Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскиот јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија – рече Мицкоски.
Поради можното предавство, како што велат од партијата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ од попладнево почнува серија протести во повеќе градови за да го принуди Заев да го обелодени документот за којшто преговара со Бугарија.