ДА СЕ ОДЛОЖИ ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ ОТПАД Сојузот на комори не се согласува и со надоместоците
ССК смета дека поради пандемијата компаниите се спречени во навременото исполнување на законските обврски за постапување со електрична и електронска опрема.
Сојузот на стопански комори бара да се одложи примената на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема кој се применува од 1 јануари годинава и да се намалат предвидените износи на надоместоците. Главна причина за барањето, како што велат од комората, недоволното време за усогласување на компаниите со законот поради пандемијата.
– Компаниите се спречени во навременото исполнување на законските обврски за постапување со електрична и електронска опрема. Особено потребен е подолг временски период за имплементирање и почнување со користење информациски систем наменет за водење на предвидените евиденции, поставување известувања и информирање за крајните корисници за сите промени со електричната и електронска опрема кои директно ќе влијаат врз нивното секојдневие и функционирање, усогласување на упатствата за употреба на опремата за домаќинствата со обврските за постапување со електрична и електронска опрема, како и за информирање на дистрибутерите со предвидените промени и нивно усогласување согласно законските измени.
ССК бара и да се намалат надоместоците кои смета дека се многу високи и не соодветствуваат на економската состојба во која се наоѓаат компаниите.
– Овие надоместоци за управување со отпадна опрема кои ги плаќа производителот што пушта на пазар или како краен корисник увезува во државата, досега се движеа од 50 до 120 денари за килограм отпад, додека со законските измени неколку пати се зголемени и се движат од 100 до 350 денари за килограм отпад. Наведените цени се многу високи и нереални, дури повисоки и од Република Хрватска која е дел од ЕУ. Сето ова доведува до ценовно зголемување на сите производи и истото ќе падне и на товар на крајниот потрошувач – велат од ССК.
Од ССК велат дека за добра примена на законското решение потребено е донесување на подзаконски акти кои не се донесени и потоа да се потпишат нови договори на компаниите.
-Економските оператори воопшто не беа вклучени во изготвување на законското решение, со што беа исклучени од можноста да придонесат кон донесување на ефикасна и применлива регулатива. Исто така треба да се има во предвид и опасноста законското решение да има спротивен резултат од очекуваниот и да го нагласи проблемот со создавање на диви депонии – велат од ССК.
ССК бара средба со владини претставници и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање за да ги појасни забелешките.