ДА СЕ ИЗБОРИМЕ ЗА ЕДНАКВОСТ Арсовска алармира дека жените се платени 20% помалку

За застапеност на жените во политиката кај нас постои загарантирана квота, но во приватниот сектор таква регулатива нема. Затоа, сите ние, заеднички, мора да се избориме жената да го добие заслуженото место во општеството, порача Арсовска.

739

Во Македонија 99,8% од регистрираните претпријатија се микро, мали и средни претпријатија и сите тие можат да се категоризираат како социјално претприемништво затоа што во моментов работат за да преживеат, рече денеска независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, на дебатата за социјално и економско зајакнување на жените преку социјални претпријатија што се одржа во Штип.

Со дебатата беше означен и почетокот на петтата „Текстилијада“ чие годинешно мото е „Известување и улогите во борбата за работнички права“, а манифестацијата ја организира невладината „Гласен текстилец“ од Штип.






– Компонентата на социјално претприемништво верувам дека ќе отвори нови перспективи. Долго време се соочувавме со проблеми со регулативата, имаше и проблеми да се разбере што претставува всушност социјално претприемништво и како ние можеме да го подобриме, поточно како може едно претпријатие да работи користејќи претприемачки принципи, а воедно служејќи на заедницата. Самиот концепт е чуден за една држава во која што 40% од населението живее во сиромаштија, каде луѓето работат за да преживеат, што особено се интензивираше во период на пандемија. Затоа е важно да се успее со поддршка на претприемништвото, да ги охрабриме граѓаните да вложуваат во иновативни идеи и да градат подобра иднина за себе и за околината – истакна Арсовска во своето воведно обраќање.

Таа се осврна и на правата на жената работничка и истакна дека е голем поборник на движењето за родова еднаквост, затоа што, како што кажа, недопустливо е во 21. век за еднаква работа и вложен труд на работното место, жената да биде помалку вреднувана во однос на мажот.

– Во моментов, статистиките покажуваат дека жената е дури за 20% помалку платена на пазарот на трудот. За застапеност на жените во политиката кај нас постои загарантирана квота, но во приватниот сектор таква регулатива нема. Затоа, сите ние, заеднички, мора да се избориме жената да го добие заслуженото место во општеството – заклучи Арсовска.

Поврзани содржини