ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА СЕ ПОСИПУВАМЕ СО ИСТОРИСКА ПЕПЕЛ Спорот со Бугарија е решлив само со вметнување на европски вредности во преговорите
Најмалку што ни треба е да се посипуваме самите со пепел. Нужно е политиката да се консултира со МАНУ, УКИМ, македонската интелегенција, писателите, уметниците, цивилното општество. Ако во нешто имаме голема предност, тоа е нашата македонска културолошка димензија. Конечно е дојдено време да ја истакнеме таа наша добра страна на европско и светско рамниште, вели Ѓорчев.
Марјан Ѓорчев е поранешен министер, градоначалник, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, но ние го контактиравме поради неговото искуство како амбасадор во Софија, а и поради неговото одлично познавање на комплицираните македонско-бугарските односи.
Тој вели дека низ призма на согледувањето на историјата, спорот нема големи шанси за да биде решен, па тежиштето на дијалогот ќе биде потребно да се измести на некои поинакви теми. Ѓорчев го чувствува новиот ветер што дува од Софија, но за разлика од многумина, предвидува пеколкно тежок период за нашата дипломатија.
Веќе е извесно дека нема да дојде до брзо решавање на спорот со Бугарија. Но, постои ли шанса воопшто спорот да се реши, а притоа да биде сочуван нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик?
Од мој агол на гледање не можеме да очекуваме повлекување на бугарската блокада за отпочнување на преговори за наше полноправно членство во ЕУ на 14 декември оваа година, од причини што политичката криза во Р.Бугарија во контекст на создавање нова политичка влада, е сè уште енигма и тој процес ќе потрае најмалку до одржувањето на Европскиот самит во декември. Меѓутоа, решение за спорот помеѓу Македонија и Бугарија, е во потенцирањето на тоа што нè обединува како две држави и два народа, а тоа се европските вредности. Тој факт сам по себе имплицира идентитетските и јазични прашања, да не бидат дел од преговарачката рамка за прием на нашата држава во Унијата, ниту, пак, да бидат причина за било какво вето од страна на одделна земја-членка на Унијата. ЕУ мора да ги почитува сопствените стандарди и принципи, а доколку тие се прекршуваат од нејзините земји-членки, институционалните механизми во Брисел можат да обезбедат Република Бугарија да ги приспита своите ставови кон блокадниот процес, особено ако се има во предвид дека Унијата може да преземе и казнени постапки за непочитување на европскиот закон. Што се однесува до историјата, тоа е научна дисциплина, а современата европска историска и хуманистичка наука упатуваат кои вредности се реперни во разрешување на одделен научен спор, така што тоа е подолготраен процес надвор од политичката и административна процедура за прием на земја-кандидат членка во Унијата.
Вие бевте амбасадор во Софија, дали пронајдовте луѓе со кои може да се разговара?
Јас сум присутен во бугарското општество повеќе од триесет години во сферата на економија, локалната самоуправа, како учесник во соработка на владино и парламентарно ниво помеѓу двете држави, се разбира и како амбасадор, па во таа смисла се сметам себеси за пријател на Бугарија и имам многу пријатели во таа земја.Тие луѓе се видни академици, поранешни министри и дипломати, писатели, издавачи, градоначалници, стопанственици, нашето пријателство е градено со години, така што е сосема разбирлива меѓусебната почит и взаемната доверба. Довербата и почитта не можат да се купат со пари, туку се придобиваат со макотрпна работа и лични заложби за вредности кои што нè обединуваат како држави,општества и народи. Таквиот пристап ни овозможува да разговараме растеретени од политичкото секојдневие и да бараме долгорочни решенија за иднината на сите наши граѓани од двете држави, вклучително и за такви остеливи теми, како што е спречувањето на нашата земја да отпочне преговори со Унијата. Добиените единаесет препораки од Европската комисија за период 2008 до 2021, одбележуваат дека европските лидери се одамна свесни колку далеку напред е Македонија во реформскиот процес, на усогласување на националните закони и стандарди со европскиот закон.
Веќе може да се насетат контурите на составот на идната влада на Бугарија. Дали тоа ќе донесе некава новост во односите со Македонија?
Од онаа што јас го имам како сознание, дел од новите лидери на т.н.”партии на промената” пред сè, новиот мандатар на идната бугарска влада Кирил Петков и неговиот харвардски состудент Асен Василев, се воспитаници на американскиот граѓански модел за современиот меѓународен ред и поредок. Сосема е логично да се очекува и одредена промена во бугарската политика,одобено ако се знае повторно пројаваниот интерес на САД за состојбите во Западниот Балкан. Јас очекувам дека тој нов политички ветар, ќе може да ја измени стереотипната и статична бугарска политичка позиција кон Македонија, особено од аспект на нашето заедничко членство во НАТО алијансата и значењето на јужното крило на НАТО за безбедноста на Европа.
Како добар познавач на историјата, како ги коментирате тезите дека нашата историографија е исполнета со фалсификати и неточни факти?
Ако ги следите бугарскиот и српскиот национален канал на МТВ, ќе видите колку често неделно се емитуваат емисии во историски контекст и се дебатира на историски теми. Јас ги следам тие емисии, како амбасадор во Р.Бугарија за четири години констатирав дека тоа е дел од едукативниот процес, за градење колективна меморија на бугарскиот народ токму на историски план. Оттука, посипувањето со пепел на наши историчари и толкувања од типот дека во македонската историја има одредени фалсификати и неточни факти, нè носат во ќор-сокак не само во историскиот спор со Бугарија, туку и во контекст на тоа што ќе им предадеме како историско и културно наследство на идните генерации. Нам ни е голема предност наративот, односно поимот Македонија, затоа што нашата држава го носи тоа библијско име и има право во историски контекст да толкува историски манифестации, случувања, настани и ликови, коишто се забележани на македонскиот географски простор. Ценам дека соседните држави исто така си имаат парво да ги толкуваат историските настани според својата историографија, така што ниту ние не треба да се мешаме како тие толкуваат одредени историски манифестации во даден простор и време, ниту, пак, тие го имаат тоа право да се мешаат во нашата македонска историографија. Ќе дадам еден пример, дали Првата и Втората Балканска војна што се одвиваат на македонскиот географски простор се ослободителни или поробувачки и асимилаторски војни?! Во историографиите на соседните држави, тоа се ослободителни војни. Дали тој факт е точен или не јас немам право да коментирам, меѓутоа, никој во Бугарија, Грција или во Србија не се посипува со историска пепел и ги менува своите учебници, за тој според мене важен историски настан.
Дали е возможно Бугарија некогаш да го повлече ветото, без претходно да биде најдено решение за билатералниот спор?
Убеден сум дека во наредната 2022 година, Европа ќе биде соочена со нови предизвици по својата европска кохезија. Билатералниот спор помеѓу Македонија и Бугарија не е дел од европската цивилизациска димензија. Тој спор е застарен балкански политички дијалог, обремент со тенденциите за големи балкански држави и нации. Пренесувањето на тој непотребен товар на европски плеќи Унијата нема да го пруфати, затоа што води во ретроградни и непредвидливи политички и безбедносни процеси. Оттука, очекувам Унијата со помош на САД, посериозно да се ангажира околу отпочнувањето на преговори за полноправно членство на Македонија и Албанија, а билатералниот спор со европско и американско туторство да биде пренасочен, како процес што ќе се одвива вон преговарачкиот процес. Македонија ќе мора да има во предвид, дека за да се дојде до компромис во услови на меѓународно туторство е ѓаволски тешка работа. Веќе го имаме негативното искуство од Преспанскиот договор, затоа треба многу добро да бидеме подтотвени за билатералните преговори со Р.Бугарија. Најмалку што ни треба е да се посипуваме самите со пепел. Нужно е политиката да се консултира со МАНУ, УКИМ, македонската интелегенција, писателите, уметниците, цивилното општество. Ако во нешто имаме голема предност, тоа е нашата македонска културолошка димензија. Конечно е дојдено време да ја истакнеме таа наша добра страна на европско и светско рамниште.