ДА ОДГОВАРА СЕКОЈ ШТО СЕ ОГРЕШИЛ Сопственикот на НИКОБ го отфрла обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ја идентификува компанијата со луѓе кои сториле кривично дело
Ги отфрлам сите обиди на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да направи приказна и еквиваленција на луѓе кои сториле кривично дело и компанијата НИКОБ. Кој се огрешил пред законот нека си одговара и никој не смее и не може да биде заштитен без разлика каде остварувал работен ангажман, вели Лазаров.
Најостро ги осудувам сите форми на насилство, рекет и криминални активности и ги повикувам институциите да ги расчистат сите дилеми, вели сопственикот на Групацијата НИКОБ Кирил Лазаров откако денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес конференција праша „Дали лица вработени во НИКОБ вршеле изнуда и малтретирале во Батинци?“
„Без разлика дали тоа се вработени во НИКОБ или во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, институциите да пристапат кон активности кои овој период се актуелни во јавноста и да ги проверат индициите дека во одредени општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ се врши класичен рекет. Исто така, институциите да преземат мерки по допрен глас каде што еден скопски градоначалник обвини за рекет на стопанственици.
Ги отфрлам сите обиди на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да направи приказна и еквиваленција на луѓе кои сториле кривично дело и компанијата НИКОБ. Кој се огрешил пред законот нека си одговара и никој не смее и не може да биде заштитен без разлика каде остварувал работен ангажман. На пример, не е важно дали си бил раководител, генерален секратар во Влада или во ВМРО-ДПМНЕ, принципот нека биде ист за секого и за секоја функција.
Малциозен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ постојано да го нарушува угледот на компанијата НИКОБ која постои повеќе од 25 години и е најголем работодавец со домашен капитал во Македонија.
Очекувам ВМРО-ДПМНЕ да има ист пристап и принципи кон сите оние кои го прекршиле законот, вклучувајќи ги и нивните бројни високо позиционирани партиски членови кои се осомничени и обвинети за криминал.
Како компанија имаме добиено тендери кои се јавно објавени по сите законски прописи, но никогаш не по принципот на омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ, во која се увери цела јавност од т.н. бомби дека вистинските сопственици беа директори на служби и земаа тендери по мобилен телефон.
Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го посетат легалното седиште на компанијата НИКОБ, кое е во наша сопственост и е дом на многу вработени семејства, купено на кредит со капитал кој е јавно објавен и никогаш не бил осомничен од која било институција. Нашето седиште не е во процес на одземање заради криминали од милионски размери, и секако не е дувло на криминални шеми“, се наведува во реакцијата на Лазаров.
Претходно, Арсовски ја нарече агенцијата за обезбедување НИКОБ „параполиција на СДСМ“.
– Јавно прашуваме и очекуваме одговори и од власта да се охрабри, но и од сите останати институции кои треба да го говорат и истражат ова, дали дел од лицата од скопско Батинци за кои што медиумите пишуваа и за кој што пишуваше во билтенот на МВР, дека извршиле изнуда, држеле лице како заложник и одзеле автомобил, а притоа и физички сериозно го нападнале со посериозни последици, се лица кои се вработени во миленикот на СДСМ агенцијата за обезбедување НИКОБ, а еден од тие лица имал и раководна позиција во тој реон, во Батинци – праша денеска на прес конференција Арсовски и додаде дека НИКОБ има добиено над 40 милиони евра преку тендери за 4 години, како и дека има бизнис и лиценца за одгледување марихуана.