ДА НЕ СЕ ПРОПУШТИ ШАНСАТА Ковачевски се сретна со Фон дер Лајен

164

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Атина, по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“, на Самитот ЕУ – Западен Балкан, вечерва се сретнал  со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, информираат од Владата.

„На средбата, беа разменети мислења за најновиот развој на настаните во контекст на отпочнувањето на процесот на уставни измени, за кои земјата ја има поддршката на ЕУ со цел продолжување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Беше истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата. Премиерот Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, разменија мислења за текот на скрининг-процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите“, се наведува во  соопштение.






Двајцата соговорници се осврнале на продобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст на претседателката Фон дер Лејен, како што се приближувањето до единствениот пазар на ЕУ и продлабочувањето на регионалната економска интеграција, кои се исклучително важни за секоја од земјите.

„Клучно за земјите од Западен Балкан е да се забрзаат фундаменталните реформи, за што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот. Говорејќи за предностите на членството во ЕУ, на средбата уште еднаш било потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Северна Македонија во Унијата“, соопшти владината прес-служба.

На средбата се разговарало и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, чија евроинтеграција има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа.

Проширувањето на Европската Унија и европската иднина на регионот се во фокус на денешната неформална вечера на лидерите од земјите од Западен Балкан во Атина, што ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ – Западен Балкан и Декларацијата од Солун.

 

 

Поврзани содржини