Да не ја загубиме правдата, покрај животите

Не смееме да дозволиме да живееме во држава каде што: болката се третира како политичка алатка, родителите да се гледаат како непријатели ако прашуваат гласно, а институциите да се будат само кога камерата е вклучена.

721

Помина доволно време од трагедијата во Кочани за да сите ние си го поставиме едноставното, но болно прашање: Дали ние, како луѓе, како општество, ја разбираме тежината на тоа што се случи? Животот на 62 млади личности згаснаа во една вечер. За нив, животот престана, но за нивните семејства болката никогаш нема да престане. Таа болка не бара многу, не бара ни политика, ни спектакли. Таа бара само едно: вистина и правда.

Затоа сите ние не смееме да останеме неми, парализирани или уште полошо дополнително поделени и раскарани. Имаме обврска да бараме вистина и правда, со глас што притиска, но нѐ осудува; со срце што бара одговорност, а не одмазда. Да бидеме совеста што ќе ја турне правдата напред без гневен линч, без манипулации, туку со упорен, човечки притисок што не замолчува.






Мораме да бараме одговорност не за да рушиме, туку за да излечиме; не за да обвиниме по секоја цена, туку за да не дозволиме никој да биде над вистината. Притисок мора да има но не од слеп гнев, туку од трезна болка што не прифаќа молк, селективност или манипулација. Не смееме да дозволиме да живееме во држава каде што: болката се третира како политичка алатка, родителите да се гледаат како непријатели ако прашуваат гласно, а институциите да се будат само кога камерата е вклучена.

Последните денови повторно гледам како одредени инструирани (дел и политизирани) структури ја влечат болката на родителите по калта на дневната политика. Се зборува за вина, за лојалност, за партиски „жртвени јагниња“, за политички поени. Сѐ, освен за вистината. Сѐ, освен за вистинска правда. Од позиција на човек и професор кој го посветил својот живот на младите, не можам да одмолчам. Не можам да молчам кога гледам обиди за свесно искривување на ситуацијата, кога трагедијата се претвора во дебатна точка, родителите во објекти на дискредитација, а првите луѓе на државата во виновници.

Луѓе мои, никој не смее да биде обвинет без докази, но уште помалку смее некој да биде заштитен поради партиска припадност, државна фунција или лични, семејни, родбински и други врски. Истрагата мора да оди до крај. Не до онаму каде што е безбедно, не до оној што е пожртвуван за мир во коалицијата. Напротив, таа мора да не доведе до сите оние кои дозволиле, занемариле, прикривале или поттикнале околности што довеле до оваа трагедија. И тука не смее да има ниту  милимитар отстапување. Таа кобна дискотечна ноќ во Кочани не смее да остане само статистика. Таа мора да биде граница: граница меѓу неказнивоста и одговорноста; граница меѓу политиканството и државноста, граница меѓу рамнодушноста и солидарноста. Ова не е „против“ една власт или „за“ друга. Ова е прашање на етика, на иднина, на доверба во системот кој треба да нè штити сите нас не само кога е лесно, туку особено кога е најтешко.

Затоа, повикувам: институциите да се надминат себеси и да ја спроведат правдата до крај, политичарите и потпалувачите на непотребниот оган да се воздржат од манипулации и етикетирања, а ние граѓаните да не престанеме да прашуваме, да следиме и да се грижиме за нашите сограѓани кои ги изгубија своите најмили. Ако го заборавиме Кочани, не само што ќе изгубиме уште една битка за правда ќе ја изгубиме сопствената човечност. А таму каде што нема човечност, таму почнува неправдата и неказнивоста

Не смееме да дозволиме трагедијата да биде уште една црна страница што ќе ја свртиме во тишина и заборав. Наместо тоа, ова мое пишување нека биде повик за будење, за мир, солидарност, до крај професионална и неселективна истрага, казна за виновниците, и трајна промена – вистинско и итно ресетирање на урнисаниот систем.

За младите кои ги изгубивме. За семејствата што тагуваат. За иднината што ја градиме.

Поврзани содржини