ДА НАПРАВИМЕ УШТЕ ЕДЕН ЧЕКОР НАПРЕД Заев најави инвестиции со зелен предзнак во општините

Лидерот на СДСМ ги образложи и петте клучни столбови во Програмите за општините за следните четири години.

590

Со СДСМ на локално ниво ќе продолжи развојот на општините, тие ќе продолжат да работат одговорно, отчетно и транспарентно во интерес на граѓаните, рече вечерва претседателот Зоран Заев на промоцијата на кандидатите за градоначалници што се одржа во Битола.

Заев рече дека СДСМ преку Владата и институциите во овие четири години постави стандарди на одговорно и отчетно управување со државата.






– Ја развиваме државата на меѓународен план, ги развиваме општините на домашен план, го унапредуваме квалитетот на живот, расте животниот стандард. Земјата заедно ја поставивме во вистинскиот правец. Патот е прав. Конечно тргнавме напред. Одиме напред. И нема дилема. Најдоброто е можно единствено Напред- рече Заев.

Тој ги образложи и петте клучни столбови во Програмите за општините за следните четири години.

– Со градоначалникот, заедно ќе одлучувате во редовна и директна комуникација. Само така може да се создаде систем за брза реакција и решавање на проблемите во општината. Општините ќе се обврзат да одговорат на граѓанските иницијативи во рок од 10 дена.  А кога велиме „Мој градоначалник“ очекувајте тој да биде чесен, искрен, домаќин;  лесно достапен – да знае да сослуша; да работи – човек со засукани ракави; запознаен со проблемите и со конкретен план со решенија; човек еднакво близок со сите – кој не ги дели луѓето по ниеден основ. На ова се обврзуваме – рече Заев.

Тој најави инвестиции и забрзан локален економски развој.

-Инвестициите од централната власт партнерски и стратешки ќе бидат насочувани кон општините. Ќе продолжи и поддршката на претприемништвото и отворањето нови бизниси, преку утврдување на потребите на граѓаните во одреден реон, маало или населба, а општината се планира да понуди субвенции, за да се отворат токму локално дефицитарните бизниси. Ќе градиме плански и одговорно, во рамките на Хуманата урбанизација којашто подразбира: не – дали се гради, туку – како се гради. Тоа значи дека секоја општина треба да се гради и развива, но тој развој не смее да биде по цена на здравјето на граѓаните. Исто така интересите на поединци не смее и нема да се постават над интересите на граѓаните – рече Заев.

Заев додаде дека ќе продолжат инвестициите во канализациски и водоводни мрежи, реконструкцијата на улиците во општините, на локалните и полски патишта, на велосипедски патеки.

– Ќе продолжи набавката на еколошки јавен градски превоз,  со цел да продолжи да се намалува аерозагадувањето во градските средини; ќе се интензивира трендот на изградба на пречистителните станици; ќе продолжи распределбата на субвенциите за инвертери за греење и енергетско ефикасни фасади, како и поставувањето фотоволтаици на покривите на јавните објекти; ќе започне изградбата на модерни депонии коишто отпадот ќе го преработуваат во енергија, со што трајно ќе се решат децениските проблеми на депонии и незаконско расфрлување ѓубре и смет- рече Заев.

На собирот беа претставени кандидатите за градоначалници од редовите на СДСМ.

Поврзани содржини