ДА МУ УМРЕ КОЗАТА НА КОМШИЈАТА Костадинов призна дека ги убедувал Германците да не ја гласаат резолуцијата за Македонија
Во разговорите со Алтернатива за Германија успеавме да ја убедиме оваа политичка сила да го поддржи бугарскиот национален интерес, изјави Костадин Костадинов, лидер на бугарската политичка партија Преродба.
Лидерот на бугарската политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, денеска од говорницата на бугарското Собрание порачал дека во германскиот Бундестаг минатата недела била изгласана антибугарска декларација.
Тој посочил дека „би било соодветно секоја од бугарските политички сили да има однос кога вакво нешто се коментира на највисоко законодавно ниво, бидејќи тоа директно влијае на бугарската држава, на бугарските надворешнополитички интереси и пред сѐ на проблемот со нашите односи со Македонија и нејзината политика кон тамошните Бугари“.
Костадинов исто така истакнал дека од неговата партија „отишле да бараат партнери и сојузници во Бундестагот за да не биде прифатена резолуцијата“.
– Во разговорите со Алтернатива за Германија успеавме да ја убедиме оваа политичка сила да го поддржи бугарскиот национален интерес. Големото прашање е зошто партиите кои овде во Парламентот имаат партнери во Бундестагот во линијата на европската соработка и во линијата на Европскиот парламент, не го направија истото, бидејќи јас сум убеден дека знаеле за оваа декларација. Зошто е тоа така, зошто нашата земја не го штити, а има можност да го заштити бугарскиот национален интерес и практично абдицира – рекол тој.
Костадинов истакнал дека пред две и пол недели во Бундестагот имало посета на „огромна парламентарна делегација од Македонија, која лобирала токму за оваа декларација“.
– Во моментов се зборува дека Бугарија треба да се повлече дури и од т.н француски предлог, кој за нас беше крајно понижување – изјавил лидерот на Преродба.
Според него, ако и ова се дозволи, тоа ќе биде „уште поголемо национално предавство, најголемо во последните 33 години“.