ДА ИМ РЕЧЕШ „ДОБРО УТРО“, ЌЕ ТЕ ОБВИНАТ ЗА АЛБАНОФОБИЈА Функционерите Албанци без срам глумат жртви, среќа што никој не им верува
Сега кога се вклучија САД на кои не им е важно дали некој осомничен за криминал и корупција е Албанец, Македонец, Ром или Влав, функционерите Албанци почнаа да плачат и да се жалат дека постои албанофобија во земјава, истакна универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
Кога САД решија да ги зграпчат конците во свои раце, кога почнаа да се редат имиња на функционери од ДУИ во „црната листа“ на Вашингтон, кога почувствуваа дека им гори под нозете и дека се во тесно, функционерите Албанци и министри во земјава започнаа синхронизирано да се жалат дека се соочуваат со албанофобија и со антиалбанство во Македонија.
Вака аналитичарите и комуниколозите со коишто разговаравме ги коментираат последните неколку јавни настапи на министерот за надворешни работи Бујар Османи и на првиот вицепремиер Артан Груби, кои речиси на секое новинарско прашање поврзано со некој скандал во кој е инволвиран некој функционер Албанец, одговараа со обвинување дека се работи за класична албанофобија.
Токму со обвинувања за скриена албанофобија Груби неколку пати се обиде да се извлече од непријатните прашања што му ги поставуваа новинарите поврзани со палењето на автомобилиот „ауди А6“, кој, како што рече, го користел за приватни цели, иако бил во сопственост на негов многу добар пријател.
Министерот Османи неодамна дури излезе со тврдење дека се крчка заговор против Албанците и против ДУИ.
– Пред неколку месеци, некаде на периферијата на Скопје, се одржа средба меѓу некои македонски олигарси и политички лидери, сегашни и поранешни политички лидери, со аларм или констатација дека Албанците добиваат повеќе отколку што заслужуваат или го уриваат политичко-економскиот монопол на македонската заедница и се согласија да создадат национален центар, за да се запре овој процес или, како што тие го нарекуваат, албанизација на државата. Ова всушност не е страв од албанизација, тоа е страв од еднаквост – рече Османи.
А ваквите обвинувања, појаснуваат аналитичарите, започнаа оркестрирано да се шират токму од моментот кога почнаа да се вадат афери за постапките на дел од функционерите на ДУИ, како што беше случајот со внукот на Али Ахмети кој стана сопственик на ТЦ „Соравија“, како и примерот со вработувањето на некогашната ТВ водителка Бесмира Ејупи во Министерството за надворешни работи.
Пред само дваесетина дена Османи гостуваше во емисијата што ја води новинарката Душица Мрѓа на ТВ 24, а не можеше да остане незабележано тоа што на секое спомнување на начинот на избор на обвинителот Ислам Абази, министерот одговараше со „тоа е класичен пример за албанофобија“. Истата реченица ја повтори и кога беше запрашан за внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, како и за девојката која од ТВ водителка напредуваше во МНР.
Тој, повторуваше едно и само едно: „класичен пример за албанофобија“.
Штом ги фатиш ДУИ во криминал и веднаш ќе те обвинат за “албанофобија“ 🤦♂️ pic.twitter.com/RNUgZzQj2K
— MITE NAJDOFF (@Kalabalak_) July 18, 2023
Страв од САД
И албанските и македонските политичари во земјава треба да разберат дека извршувањето на политичката функција не ги ослободува од одговорност доколку истовремено се заплеткани во криминал и во корупција, порачува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
Онаму каде што има раководител Албанец, таму има најмалку 70 отсто Албанци од вкупниот број на вработени. Значи, не постои никаква пропорционална застапеност, туку класична доминација на малцинството над мнозинството, да не речам - тиранија
– Во последните 25 години на прсти можат да се избројат политичарите-функционери кои одговараа за злоупотреба на службената положба. Значи, сите политичари-функционери досега беа заштитени како бели мечки, особено албанските функционери, без разлика дали се на власт или во опозиција. Сите тие за сите овие години учествувале во одреден криминал, а јас само ќе ги спомнам обвинувањата на експремиерот Зоран Заев за Бујар Османи и за Али Ахмети, кои беа заташкани и заборавени веднаш штом СДСМ дојде на власт и го сруши ВМРО-ДПМНЕ на тогашниот премиер Никола Груевски. А тоа беа сериозни обвинувања за десетици милиони евра кои беа проневерени во Министерството за здравство во времето кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. И сето тоа остана заташкано и никој не одговараше. Сите знаат дека така било, бидејќи постојат докази и веќе има покренато постапки и направена е ревизија, но никој не одговараше поради пуста власт, но и поради „мир во куќа“ – објаснува Кекеновски.
Сега кога се вклучија САД на кои не им е важно дали некој е Албанец, Македонец, Ром или Влав, функционерите Албанци почнаа да плачат и да се жалат дека постои албанофобија во земјава.
– Не е точно дека постои албанофобија и тоа им е само параван за да се сокријат и да останат неказнети. Во реалноста, како што во моментов стојат работите, Македонците се граѓани од втор ред. Видете само што се случува со пропорционалната застапеност, која е крајно вулгаризирана и злоупотребена. И на тоа не реагира народниот правобранител. Онаму каде што има раководител Албанец, таму има најмалку 70 отсто Албанци од вкупниот број вработени. Значи, не постои никаква пропорционална застапеност, туку класична доминација на малцинството над мнозинството, да не речам – тиранија. Не може ова повеќе да се толерира – изјави професорот.
На прашањето дали обвинувањата за албанофобија можат да ја загреат меѓуетничката нетрпеливост, Кекеновски потсетува дека земјава е членка на НАТО и дека странците нема да дозволат ескалација.
– Која е таа странска држава која би поддржала бунт во друга држава поради тоа што некој треба да одговара поради тоа што крадел?! – заклучи Кекеновски.
Дел од кампањата
Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор и доктор на науки, во разговор за Плусинфо вели дека политичарите на Балканот и во Македонија се постојано во некаква кампања, а како главно оружје ги користат меѓуетничките односи во земјата, бидејќи со нив најлесно се „пука“.
– Политичарите во Македонија, особено Албанците, никогаш не ја напуштиле таа реторика, туку само повремено ја активираат кога ќе имаат потреба од неа. Во Македонија не постои степен на албанофобија кој би бил доволно висок за да би се нарушиле односите и безбедноста во земјата, но албанските политичари очигледно ги пренагласуваат тие секвенци, очекувајќи да добијат нешто за возврат. Истото се случува и кај другата страна, само што Македонците очигледно не ги пренагласуваат тие елементи на македонофобија, а кои ги има поприлично многу во македонското општество. Во двете ткива има слоеви кои така веруваат и сметаат дека најголеми и смртни непријатели се Албанците, односно дека најголеми и смртни непријатели се Македонците – објаснува Андревски.
Во двете ткива има слоеви кои така веруваат и сметаат дека најголеми и смртни непријатели се Албанците, односно дека најголеми и смртни непријатели се Македонците
Тој посочува дека кога ќе се слушнат обвинувања за албанофобија од устата на албански функционери во Македонија, тоа значи само едно: неинституционално делување.
– Едно е да си кандидат на политичка партија и да се бориш за функција, а друго е да си веќе поставен на функција и да си одговорен за одредена работа во општеството. Политичарите треба да си останат политичари и тие не смеат да навлегуваат во зона на државничко однесување, каде што треба да ја следат целината, да ги почитуваат правните аспекти, да ги респектираат интересите на населението. За жал, кај нас, сѐ уште пали реториката за албанофобија или македонофобија и ние како народ очигледно сѐ уште не сме доволно пораснати за да му се спротивставиме на таквото ниско ниво на дијалог – посочува Андревски.
Фобија од криминалци
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска преку статус на Фејсбук објаснува како високите албански функциониери во земјава го штитат криминалот и како ја прикриваат сопствената македонофобија.
„Кога ќе посочиш елементи од кои недвосмислено произлегува дека министерот за надворешни работи Бујар Османи лаже, ја злоупотребува службената должност, краде, манипулира, ја разградува државната хиерархија и работи спротивно на законите, тогаш тоа е албанофобија. Ова е начин како Бујар го штити криминалот и како ја прикрива сопствената македонофобија. Овој човек требаше одамна да биде в затвор. Мислам дека заедно со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот Бојан Маричиќ нанесоа најголема штета во евроинтегративните процеси на Македонија во последните неколку години“, забележува Најчевска.
Овие граѓани кои ги плашите со разни бабароги, де со етнички конфликти, де со некаква изолација, де со продажба на идентитетот, тие имаат само една единствена вистинска фобија – тие опасно се плашат од криминалци
И новинарката Катарина Синадиновска во својата последна колумна пишува дека патетични се обидите на челниците на ДУИ да ги сведат на албанофобија сите обвинувања за кршење на законите.
„Во 2023 година после сѐ што Македонија преживеа и надживеа на тема меѓуетнички односи треба да сте во прилично очајна и немоќна состојба за да играте на оваа истрошена и безвредна карта. Да, откопувањето на националистичките наративи по дефиниција е секогаш неодговорно, но овие луѓе се толку изложени и отворени во своите злоупотреби што овој пат, овие вербални акробации, се далеку од опасни и се сепак – само патетични. Овие граѓани кои ги плашите со разни бабароги, де со етнички конфликти, де со некаква изолација, де со продажба на идентитетот, тие имаат само една единствена вистинска фобија – тие опасно се плашат од криминалци. Од крадци и измамници. Од лажговци и манипулатори. Тој страв, таа ужаснатост се реални и основани. Вакви олоши, вака стратешки распределени низ сите етнички и верски заедници, низ сите клучни државни органи, низ сите општествени пори, толку многу на број на толку мала територија – светот може и да не видел“, пишува Синадиновска.
Преку глава ни е од закани
Актерот Сашо Тасевски револтиран од однесувањето на албанските функционери во земјава му порача на министерот Османи да си поднесе оставка, обвинувајќи го дека е македонофоб.
„Ти најде да зборуваш за албанофобија кај Македонците?! Не сме ние албанофоби, само ни е преку глава да го гледаме вашето шовинистичко и националистичко изживување пропратено со постојани закани кон Македонците: „ако не ни дадете ова и ова, ќе ги облечеме пак чизмите од 2001“. И добро де. Знаеме дека пак ќе ги облечете чизмите набрзо. Оти нема да може вечно да добивате сѐ. Брзо се менува светот денес. И не се менува во ваша корист. Ќе биде поинаку. И вашиот политички татенце ќе ви го сврти грбот кога-тогаш. Тој е прагматичен татко. Сѐ си има свој крај. Со тоа што го кажа само покажа каков шовинист си и негатор на македонството“, порача Тасевски.
Реакција за сѐ побројните обвинувања дека постои албанофобија во Македонија, особено кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пристигна и од поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Од каде сега одеднаш од ВМРО-ДПМНЕ станаа албанофоби кога се знае дека не многу одамна, скоро 10 години со ДУИ беа во заедничка власт?
„Од каде сега одеднаш од ВМРО-ДПМНЕ станаа албанофоби кога се знае дека не многу одамна, скоро 10 години со ДУИ беа во заедничка власт? Од експремиерот Никола Груевски побараа, а тој за да биде раат цел мандат, со сила ги натера своите пратеници да гласаат за амнестија на хашките случаи. Невиден притисок од страна на највисоки претставници на САД, ЕУ и НАТО беше потребен за ДУИ да се оттргне од ВМРО-ДПМНЕ. Со поддршка на ДУИ, Груевски близу една милијарда евра потроши за проектот Скопје 2014. Тогаш, иако ДУИ имаше двотретинско мнозинство, во договор со ВМРО-ДПМНЕ побара предвремени парламентарни избори само за да се овозможи Ѓорге Иванов повторно да биде избран за претседател на државата. Али Ахмети никогаш не се дистанцираше од антизападната политика на Груевски, туку напротив, го фалеше дека е прозападно ориентиран. Објавени се тајни разговори со Груевски на кои се слуша како Али Ахмети на македонски јазик бара од него да не се уриваат дивоградбите на узурпирано државно земјиште на функционери на ДУИ. Според тоа, ВМРО-ДПМНЕ нема причина да се смета за антиалбанска партија“, напиша Хајредини.
Таравари: Албанците во Македонија се дискриминирани!
Околу 30 отсто од жителите на Македонија припаѓаат на албанска националност, но и покрај постојните договори за соживот со Македонците, тие продолжуваат да бидат дискриминирани, вели за Топ чанел градоначалникот на Гостивар и претседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
– Одете во скопските населби населени со Македонци и ќе видите дека тој е град можеби меѓу најдобрите во регионот. Ако отидете во областите каде што живеат Албанци, на пример во Чаир, Бутел и Сарај, ќе видите дека сте во друг свет – истакна Таравари.
И покрај фактот што речиси половина од владиниот кабинет во Македонија го сочинуваат министри Албанци, Таравари вели дека дискриминацијата е очигледна.
– Но, повторно, за Македонците е глупост Албанците да водат одредени позиции, на пример во специјалната полициска единица не може Албанците да бидат припадници на тие единици, министерот за внатрешни работи на Македонија е глупост да биде Албанец, премиерот е глупост да биде Албанец, за шефот на државата не се ни разговара – рече Таравари.