ДА ГИ СОГЛЕДАМЕ ГРЕШКИТЕ И ДА ПОНУДИМЕ РЕШЕНИЈА Спасовски очекува отчет од Филипче на денешниот конгрес на СДСМ
Врз основа на отчетот Конгресот треба да донесе заклучок за тоа дали органите на партијата можат да имаат или не треба да имаат доверба, рече Оливер Спасовски.
Утре (сабота) имаме Конгрес, од кој еден дел би требало да биде отчетен Конгрес, а тоа значи дека ова раководството треба да даде отчет за тоа што е сработено, и какви се изборните резултати, имало грешки, немало грешки, воделе добри политики, воделе лоши политики, и врз основа на тоа Конгресот да донесе заклучок за тоа дали органите на партијата можат да имаат или не треба да имаат доверба, рече поранешниот министер за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски во настап на ТВ Алсат.
Мојот став, рече Спасовски, е дека Конгресот утре е место каде не само јас, туку што повеќе делегати, да разговараме за сите аспекти внатре во партијата за да може да дојдеме во позиција да може да кажеме, да, ова се грешките, тие се согледани, за тоа ќе понудиме нови решенија, не само кадровски, туку и програмски.
– Малку сум изненаден што немавме Централен одбор на партијата, на кој требаше да се разгледа извештајот за работа на Конгресот, на него не се утврди предлог дневен ред на Конгресот, очекував тоа да се случи иако беше најавен ЦО за на 16 јануари, но тоа не се одржа, така да, ќе видиме утре кои ќе бидат предлозите во дневниот ред, доставен со материјалите, покрај овие точки за гласање доверба, отчет, извештај, гледам дека има и статутарни измени, за кои искрено не знам какви се тие статутарни измени, не су ги видел – рече Спасовски.
Тој исто така нагласи дека пратеничката група на СДСМ е компактна и составена од луѓе кои растеле и се граделе во партијата во изминатите три децении.
– На било кој пратеник од пратеничката група на СДСМ не му е сеедно каде ќе се движи СДСМ. Ние 30 години ја градевме партијата и таа е дел од нас. Пратеничката група на СДСМ е многу повеќе СДСМ и многу повеќе ја боли за СДСМ, можеби и од некои членови од раководството – истакна Спасовски.
Како што е најавено, 31. Конгрес на СДСМ ќе се одржи утре со почеток во 11:00 часот, во хотелот „Александар Палас” во Скопје. Конгресот ќе има отворен и работен дел. По отворениот дел ќе следува обраќање на претседателот на СДСМ Венко Филипче, по што ќе следи работниот, затоворен дел од конгресот.