ДА БИДЕ КРИСТАЛНО ЈАСНО, НЕМА ПОЛИТИКА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ Лажни, неодговорни и сензационалистички се наводите на СДСМ
И сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Да биде кристално јасно, не постои политика за прифаќање мигранти во каква било форма, пишува шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во објава на својот Фејбук профил. Министерот Муцунски ги нарекува крајно неодговорни, лажни и сензационалистички прес-конференциите на СДСМ во врска со наводните мигрантски кампови.
Во продолжение реакцијата на Муцунски:
„Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Градиме партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина.
И сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма.
Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина.
Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста. Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните,а не сценарија измислени за дневнополитички потреби.
Темата за наводно прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус, последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период.
Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми“, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.