ДА БЕШЕ ОД БИТОЛА ЌЕ ГО ВИКАА – ЛАГАТА, АМА ОД ЗАЈАС Е И ЌЕ ГО ВИКААТ – ШЕФЕ! Може ли Ислам Абази „етички“ да нѐ изненади со оставка?

Никој од пошироката јавност не го познаваше Ислам Абази. Тој немаше ни програма со којашто требаше да им се претстави на колегите и со тоа да ги убеди да гласаат за него. Значи, транспарентноста беше никаква. Јавноста дозна за човекот дури откако беше изгласан, а пред тоа не знаеше ни како изгледа. Тука е најголемиот проблем, вели поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.

1,276

И денеска не престануваат критиките упатени на адреса на новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Ислам Абази, откако вчера, по неговата прва прес-конференција и неговото прво претставување пред јавноста, тој практично беше притиснат до ѕид со објавените фотографии кои ни прикажаа една поинаква вистина од онаа што тврдеше дека ја зборува самиот јавен обвинител.

Плусинфо на оваа тема разговараше со угледни правници, универзитетски професори и политички аналитичари.






Едни велат дека не е преголемо зло тоа што Абази тврдеше дека не е во блиска релација со функционери на ДУИ, а на крајот фотографиите покажаа дека тој одел на лов, другарувал, ручал и вечерал со блиски соработници на Али Ахмети, кој, впрочем, му е соселанец од Зајас. Како што појаснуваат, многу поголемо зло е самиот негов избор за шеф на најмоќното обвинителство во земјава, со оглед на тоа што Абази немаше своја програма, па и самите јавни обвинители коишто го изгласаа на изборите не ни можеле да знаат зошто го заокружиле неговото име.

Други, пак, велат дека би било смешно и необично да очекуваме од етички аспект Абази да си поднесе оставка уште првиот ден по стапувањето на функцијата, оти, како што потсетуваат, Македонија не е ниту Шведска, ниту Швајцарија.

Проблемот е во изборите

Поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, во разговор за Плусинфо вели дека не гледа толкав проблем во тоа што новоизбраниот шеф на ОЈО-ГОКК другарувал со функционери на одредена политичка партија, туку проблем е тоа што тој не подготвил програма и не се претставил себеси пред колегите и пред јавноста.

Николовска: Јавноста дозна за човекот дури откако беше изгласан, а пред тоа не знаеше ни како изгледа. Тука е најголемиот проблем

– Живееме во држава која брои 1,8 милиони жители, па вистинско чудо би било да не се познаваме едни со други, особено ако потекнуваме од исто село. Јас лично не гледам никаков проблем во тоа новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство да се познава со функционери од одредена политичка партија. Ги видов фотографиите што вчера ги објавија медиумите, но таму јас не гледам ништо спорно. Преслушајте ја вчерашната прес-конференција на Абази и ќе забележите дека тој јасно кажува дека нема никакви релации и блиски контакти со соселанецот Али Ахмети, а вели и дека нема релации со политичката партија ДУИ. Оваа негова изјава може да се протолкува во смисла на тоа дека човекот нема политичка блискост со партијата, не е нејзин член или слично, а нему никој не може да му забрани да се познава со одредени луѓе кои одлучиле да бидат дел од некоја политичка партија. Затоа сметам дека овде не постои скандал, иако, општо гледано, воопшто не е добро еден шеф на јавно обвинителство со лага да ја започне својата функција – објаснува Николовска.

Најголемиот проблем и најголемиот скандал треба да го гледаме во самите избори за прв човек на ОЈО-ГОКК, додава таа.

– Никој од пошироката јавност не го познаваше Ислам Абази. Тој немаше ни програма со којашто требаше да им се претстави на колегите и со тоа да ги убеди да гласаат за него. Значи, транспарентноста беше никаква. Јавноста дозна за човекот дури откако беше изгласан, а пред тоа не знаеше ни како изгледа. Тука е најголемиот проблем – вели Николовска.

Секое чудо за три дена

Македонија не е ни Шведска, ни Швајцарија, туку таа е земја стационирана во срцето на Балканот и таму се случува сѐ и сешто, коментира поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

Од етички аспект, во нормална држава, обвинителот веднаш си поднесува оставка оти бил фатен во лага и за кого постојат скандали.

Трендафил Ивановски Поранешен претседател на Уставен суд

– Државата ни е мала, ама лагата е голема. Засега тоа е само потенцијална и сѐ уште недокажана лага, но во секој случај, целата оваа ситуација воопшто не му оди во корист на новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство. Многу е лошо кога на лошо ќе тргнат работите уште од самиот почеток, ама секој ќе си го срка тоа што си го надробил. Никој не го тераше Абази да тврди дека никогаш не се сретнал со Али Ахмети, а и двајцата потекнуваат од исто село. И јас сум роден во село и можам да потврдам дека сите соселани се познававме, па дури и со оние од околните села оддалечени со километри од нашето. Значи, приказната на Абази е приказна за мали деца, ама тој си знае. Од етички аспект, во нормална држава, обвинителот веднаш си поднесува оставка оти бил фатен во лага и за кого постојат скандали. Но, пак ќе кажам, ова е Македонија и за жал, кај нас секое чудо трае три дена – ни изјави Ивановски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека е добро тоа што шефот на Јавното обвинителство го бираат самите обвинители, но за жал, додава тој, сега гледаме дека во суштина не постојат независни обвинители, туку дека постојат само партиски војници.

– Само по себе е скандал тоа што јавен обвинител кој нема сопствена програма и кој не се појавува на дебата заедно со другите кандидати, на крајот бидува избран за шеф на најмоќното обвинителство. Тој уште се фали дека лобирал помеѓу колегите. А како тоа лобирал? Ова е доказ дека во Македонија не постои правен систем, а воопшто не треба да трошиме зборови за тоа дали постојат етика и морал – објаснува Пекевски.

Тој не гледа голем проблем во тоа што Абази се фотографирал со функционери на ДУИ.

– Голема работа. Тој може да се фотографира и да се дружи со кого сака и кога сака. Ова не го гледам како некој голем проблем. Да, фотографирани се заедно, биле на лов, делат иста пасија, ручале на иста маса, но тоа не значи дека се најдобри пријатели и дека секојдневно се слушаат на телефон. Македонија е мала држава и не може да не се познаваат функционери – вели нашиот соговорник.

Сликата не е поволна

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, денеска на новинарско прашање изрази резервираност за новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминасл, Ислам Абази.

– Да му дадеме простор во работата на човекот, меѓутоа сликата досега не е поволна. Тој треба да вложи многу повеќе енергија за да докаже дека навистина има интегритет и енергија да се избори со корупцијата и со предметите – искоментира првиот човек на „Антикорупциска“.

Ивановска рече дека не е задоволна и од критериумите по кои се избира шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција и ДКСК ќе работи во насока на нивно подобрување.

– Тоа обвинителство е пандан на поранешното СЈО и таму треба да се спроведат сите премдети кои се однесуваат на висока корупција, да нема забошотување. Навистина, треба една нова енергија која ќе биде одлучна – рече првата антикорупционерка.

Какво бачило – такво сирење!

Изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција само ги потврди сомнежите дека на правосудството во земјава му нема спас, реагираше адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

„Обвинителите покажаа дека не гласаат за програма, визија, стручност и дека немаат никаква желба за промени па затоа гласаат за анонимус кој не најде за потребно ни да ѝ се претстави на јавноста“, напиша Давидовиќ.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, пак, вели дека целата оваа работа околу изборот на Абази за главен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК го тера да ја искористи онаа стара поговорка: „Рибата смрди од главата“.

„Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава. Обвинителот што го ‘избраа’ не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата“, напиша професорот на Фејсбук.

И професорката Мирјана Најчевска сака да знае врз основа на кои критеруми е избран новиот обвинител Абази. Таа порачува: „Сите јавни обвинители кои гласале и го изгласале Ислам Абази треба под итно да бидат разрешени со забрана за вршење должност“.

„За мене овој избор е само уште една цигла во зградата на мафијата која ја држи државата во заробеништво. Изборот на човек кој е отворено поврзан со ДУИ и за чиј избор отсуствуваат било какви објективни критериум зборува за недостатокот од критична маса на обвинители со елементарен интелектуален и морален капацитет и во секој случај е јасен показател за неспремноста на актуелната владејачка структура за вистинска борба со криминалот. Изгледа ептен им се допадна работењето на Катица Јанева и се обидуваат да го етаблираат моделот на ново ниво. Што да ви кажам – не нѐ бива“, напиша Најчевска.

Резултатите од изборите, во случајов, повеќе зборуваат за тие што гласале, одошто за гласаниот.

Воислав Димоски Адвокат

Поранешниот обвинител, а сега адвокат, Воислав Димоски, исто така упати критики на сметка на новиот шеф во ОЈО-ГОКК, Ислам Абази.

„Нема безболен начин за да се каже ова: Резултатите од изборите, во случајов, повеќе зборуваат за тие што гласале, одошто за гласаниот. Пак ќе го цитирам дедо ми: ‘Ова бачило – вакво сирење дава!’“, напиша тој.

Новиот шеф на обвинителите за гонење организиран криминал, Абази, доби 66 гласови. Право на глас имаа 163 обвинители. Сѐ додека не победи, од него не можеше да се најде ниту фотографија, ниту биографија.

Абази одби да се појави во јавност и да каже што планира да прави со ОЈО-ГОКК. Првото промовирање му беше вчера, на закажана прес-конференција која беше со лимитирани прашања.

Абази посочи дека не е поврзан со ДУИ, но кратко потоа во јавноста протекоа и фотографии со него и со функционери од партијата на Али Ахмети.

Тупанчески: Времето ќе покаже

Министерот за правда, Никола Тупанчески, вели дека времето ќе покаже дали обвинувањата за поврзаноста на новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, со ДУИ има реална основа или не.

– Ги видов и тие фотографии кои имплицираат дека избраниот обвинител има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија. Никогаш не може до крај да се неутрализираат, најважно е дека практично времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали навистина овие хипотези и претпоставки што се пласираат по неговиот избор имаат реална основа. Практично, комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е да не биде злоупотребена – изјави Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања.

Поврзани содржини