Д-Р ПАНОВСКИ Е ПРОТИВ ПОТВРДИТЕ ЗА ПРЕЛЕЖАН КОВИД ПО 45 ДЕНА Здравствените власти за тоа можат да одговараат на суд (ВИДЕО)
Природниот имунитет е посилен, не апелирам природно да прележуваат, меѓутоа, кога веќе го добиле тие се позаштитени, вели микробиологот.
Ниту една држава не користи сертификат за прележаност на ковид-19 само по првите 45 дена Сертификатите се беспредметни и срам за човештвото, тврди микробиологот д-р Никола Пановски.
Тој потенцира дека лице со примена една доза вакцина може да ја шири болеста, така што оваа мерка е нестручна, ненаучна и дава лажна сигурност и доколку здравствените власти не го тргнат од употреба овој сертификат, ќе мора да одговараат на суд.
– Вакцината не штити ни шест месеци, бидејќи имаме и порано случаи на инфекција. Зошто не ги сметаат тие (вакцинирани) во Србија? Зошто ги игнорираат? Единствена земја сме со ова за 45 дена. Не постои друга, затоа велам, ќе одговара некој. Не може да се повикаат на никого – рече Пановски во вечерашната емисијата „Жешко политичко лето“ на ТВ Канал 5.
Тој додаде дека е најважно што вакцините штитат од смртни случаи за 10 до 20 пати, но и дека е штетно присилно да се тераат оние кои што прележале веднаш да се вакцинираат.
– Треба да се вакцинираат. Важно е дека треба да се почитува вакцината и да се дава таму кадешто е потребно, да не им се дава материјал на антиваксерите. Никако, ама никако да не се вакцинираат тие што сега се во болница во следните шест месеци. Не присилно, ако сакаат нека се вакцинираат. Тоа е грешно, ненаучно. Природниот имунитет е посилен, не апелирам природно да прележуваат, меѓутоа, кога веќе го добиле тие се позаштитени. И голема грешка е ако не се тргне ова за 45 дена. Ќе одговараат судски, ако на некој нешто му се случи – рече Пановски.