Д-р Ирина Пановска Ставридис: Меморијата на Т-клетките создадена во битката со други коронавируси, може да помогне полесно да се справиме со ковид-19
За среќа, нашата Клиника за хематологија поседува апарат, флоуцитометар, со кој можат да се окарактеризираат сите имуни клетки од периферната крв: Т, Б, и НК клетките. Иницијалните резултати од скопската студијата укажуваат дека врз основа на присутните клеточни типови може до извесен степен да се предвиди текот на ковид-19 и за секој пациент да се дизајнира индивидуализиран тераписки пристап. Особено се интересни резултатите поврзани со вредностите на Т цитотоксичните клетки и одредени нивни особини кои укажуваат дали имуниот систем на една индивидуа е во состојба да ја стави под контрола инфекцијата со ковид-19, вели д-р Пановска Ставридис.
Несекојдневно истражување на светски познатиот Ла Јола институт за имунологија, но и една значајна студија што се прави во Клиниката за хематологија во Скопје, чија цел е да се утврди зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата ковид-19 во почетните фази и дали тоа може да се предвиди и евентуално да се интервенира, се повод за ова интервју со д-р Ирина Пановска Ставридис, директорката на оваа здравствена институција.
Истражувачи од Центарот за заразни болести и истражување на вакцини во Ла Јола институтот за имунологија, експериментирајќи со крв од ковалесценти за лечење на ковид-19, во потрага по „негативна“ контролна група, зеле примероци од крв од здрави луѓе собрани во Сан Диего помеѓу 2015 и 2018 година. Ескпериментот довел до зачудувачко сознание дека половина од луѓето имале реактивност на Т-клетките против вирусот. Како се толкува ова сознание?
– Студијата спроведена на Ла Јола институтот за имунологија, всушност, укажува дека обичните настинки кои сме ги прележале во минатото, а биле предизвикани од останатите вируси од фамилијата Корона, до одреден степен го имаат подготвено нашето тело за борба со ковид-19. Се претпоставува дека ова сознание ќе помогне и да објасниме зошто различни индивидуии различно реагираат на новиот коронавирус, па дури, можеби ќе придонесе и да се најде решение за ковид-19.
Оваа студија е спроведена по објавувањето на податоци од студиите од Велика Британија, Германија, Холандија и од Сингапур, кои укажале дека околу половина од испитуваната популација има вграден имунитет кон ковид-19, без притоа да биде експонирана на вирусот. Научниците се посомневале дека оваа имунолошка меморија е резултат на претходно прележаните обични настинки. Токму студијата публикувана од Ла Јола институтот за имунологија се обидува да пружи докази кои ја поддржуваат оваа теорија.
Тие испитувале примероци од крв земени од здрави субјекти собрани пред пандемијата и ги испитувале Т-клетките во тие примероци. Т-клетките или, белите крвни клетки, се клучни делови на имунолошкиот систем на организмот, кои ги активираат антителата да ги уништат заразените клетки или директно ги убиваат инфицираните клетки. Науката вели дека Т-клетките со децении се сеќаваат на минатите инфекции. Во примероците што ги испитувале, научниците од Ла Јола институтот за имунологија, детектирале Т-клетки „обучени“ за борба против вирусите поврзани со обичната настинка. Но, тие, увиделе дека многу од Т-клетките во примерокот, исто така, го препознаваат ковид-19, иако не биле директно изложени на него. Според нив, ова се должи на фактот што има голема сличност помеѓу новиот корона вирус со останатите вируси од оваа фамилија кои ги предизвикуваат обичните настинки.
Во статијата во која е објаснет овој феномен се тврди дека голем процент од популацијата има имуни клетки кои се способни да препознаат делови од вирусот САРС-КоВ-2, а тоа може да им помогне да започнат борба против инфекцијата. Со други зборови, можно е некои луѓе да имаат некаков непознат степен на заштита. Ова некои медиуми во светот, но и на Балканот, го оценија како „сензационално“ откритие.
– Сметам дека ова откритие e навистина многу значајно. Реактивност на Т-клетките против САРС-КоВ-2 е забележана кај лица кои претходно не биле експонирани на овој вирус. Важно е да се каже дека сепак, изворот и клиничката релевантност на реактивноста на овие Т-клетки сѐ уште е непозната. Се претпоставува дека реактивноста е одраз на нашата Т-клеточна меморија-стекнат имунитет кон „обичните настинки“ предизвикани од различни коронавируси кои циркулираат низ светот. Ќе биде многу значајно да се дефинираат специфичностите на овие Т-клетки и да се процени нивната поврзаност со сериозноста на болеста ковид-19 и одговорите кон идните вакцини.
Т-клетките, или Т-лимфоцитите, се формираат за време на животот кога човечкото тело доаѓа во контакт со различни антигени. Може да се создадат како резултат на експозиција на организмот со антигени од ковид-19, но и некои други антигени кои се универзални и присутни на сите други вируси и на тој начин се создава тој таканаречен „вкрстен имунитет“ кој го добиваме кога ќе се излекуваме од одреден вид инфекција.
Се претпоставува дека меморијата на Т-клетките за САРС-КоВ-2 може да биде или корисна или ирелевантна. Имунолошката меморија може да е причина зошто некои луѓе кои се позитивни на вирусот се со лесни или без никакви симптоми или пак воопшто не го добиваат вирусот. Од друга страна пак, постои можност имунолошката меморија да биде и штетна, преку механизми наречени „оригинален антигенски грев“ (склоност да се добие потенцијално инфериорен имунолошки одговор токму поради имунолошка меморија кон сродни патогени), или пак антителата да посредуваат за појава на потешка форма на ковид-19. Иако нема директни докази кои би ги потврдиле овие сценарија, сепак, тие мора да бидат земени предвид.
Генерално кажано, сè уште има многу нејасни податоци како функционира оваа имунолошка „меморија“, но сметам дека тоа набрзо ќе биде разјаснето во идните нови студии, особено при развојот на вакцини.
Целта на студијата е да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата во почетните фази и дали тоа може да се предвиди и евентуално да се интервенира, вели д-р Пановска Ставридис.
Дали може уште еднаш подетално да објасните што се тоа Т-клетки, зошто се толку важни за имунитетниот систем и која е хипотезата за нивната поврзаност со ковид-19?
– Т-клетките (исто така наречени Т лимфоцити) се вид на бели крвни клетки кои се нарекуваат војници на имунолошкиот систем. Нивна основна функција е да се борат со инфекции и малигно променети клетки. Тие се една од најзначајните компоненти на стекнатиот имунолошки систем. Имаат улога во одбрана од инфекции преку директно убивање на заразени клетки на домаќинот, активирање на останатите имунолошки клетки, производство на цитокини и регулирање на имунолошкиот одговор со што спречуваат инфекцијата да се шири понатаму.
Има многу дискусии за имунитетот за ковид-19, чиј фокус се антителата – протеини во формата Y, кои дејствуваат како проектили што ја гаѓаат целта. Тие се врзуваат за вирусот пред вирусот да навлезе во нашите клетки и го неутрализираат. Ако антителата не успеат да го неутрализираат вирусот, тој може да влезе во нашите клетки и да ги претвори во фабрика на нови вируси. Од друга страна, Т-клетките се насочуваат кон клетки што се веќе заразени и целосно ги уништуваат, спречувајќи го вирусот да се шири кон други, здрави клетки. Исто како антителата, Т-клетките се дел од имунолошкиот систем што има меморија. Откако ќе препознае одреден вирус, брзо ги цели заразените клетки и ги убива.
Во услови кога не постои етиолошка терапија за ковид-19, клучна улога во одбраната на организмот има количината на Т-клетки кои се присутни во организмот и претставуваат природна одбрана од ковид-19. Тие може да го спречат размножувањето на вирусот и да не дозволат да се развие тешка клиничка слика кај пациентот. Ќе повторам, дека треба да ни биде јасно дека присуството на Т-клетките не спречува да се заразиме, најверојатно само ја регулира сериозноста на инфекцијата.
Во статијата што ја спомнавме се вели дека изворот и клиничката релевантност на реактивноста на Т-клетките засега остануваат непознати и дека е важно да се дефинираат специфичностите на овие Т-клетки и да се процени нивната поврзаност со сериозноста на болеста ковид-19 и со можните имунитетни одговори на вакцините кои се во подготовка. Дали проектот на кој работите вие на некој начин е поврзан со оваа задача?
– Уште во месец мај, во соработка со проф. д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) во Трст, Италија, Клиниката за инфективни болести, Министерството за здравство и со Македонската академија за наука и уметности (МАНУ), подготвивме заеднички научно-истражувачки проект од областа на ковид-19, кој очекуваме набрзо да биде одобрен и финансиран од страна на ICGEB во Трст.
Ковид-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики и бара различен тип на интервенција. Цел на нашите истражувања ќе биде да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата во почетните фази и дали тоа може да се предвиди и евентуално да се интервенира. За таа цел ќе испитуваме два сегмента од имуниот систем. Едниот се таканаречените природни антитела, тоа се вид антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити.
За среќа, нашата Клиника, поседува апарат, флоуцитометар, со кој можат да се окарактеризираат сите имуни клетки од периферната крв: Т, Б, и НК клетките и оваа методологија се нарекува мултипараметарска имунофенотипизација. Имено, темата на мојот докторат беше од областа на примената на оваа методологија кај хематолошките болести што во голема мера придонесе овие методи да станат стандардна здравствена услуга на нашата Клиника.
Со помош на апаратот флоуцитометар може да се окарактеризираат сите имуни клетки од периферната крв: Т, Б, и НК клетките
Од друга страна, искуството од Кина покажа дека кај пациентите со ковид-19 има значително нарушување во вредностите на имуните клетки во периферната крв. Нашите инцијални резултати укажуваат дека врз основа на присутните клеточни типови може до извесен степен да се предвиди текот на ковид-19 и за секој пациент да се дизајнира индивидуализиран тераписки пристап. Особено се интересни резултатите поврзани со вредностите на Т цитотоксичните клетки и одредени нивни особини кои укажуваат дали имуниот систем на една индивидуа е во состојба да ја стави под контрола инфекцијата со ковид-19.
Може ли во оваа фаза да соопштите било какви наоди од вашите истражувања, или барем да ја објасните нивната релевантност за напорите на медицината да најде одговор за предизвикот ковид-19?
– Како што веќе кажав, иницијалните испитувања спроведени во дел од анализите предвидени со проектот покажуваат одредени промени кои евентуално би можеле да предвидат прогресија во напреднатите фази на болеста ковид-19, меѓутоа за подефинитвни резултати ќе бидат неопходни барем уште неколку месеци интензивна работа.
На крајот, би сакала да кажам дека сум многу горда што иницијалните резулати од воведените анализи за ковид-19 на нашата Клиника, им помогнаа при донесувањето на одредени тераписки одлуки на колегите од Клиниката за фебрилни и инфективни состојби. на кои сите треба да им дадеме безрезервна поддршка во борбата и напорите да се справат со овој опасен вирус. Драго ми е што дел од нашите согледувања се веќе потврдени и во неколку многу значајни интернационални студии. Искрено се надевам дека многу брзо ќе успееме да ги публикуваме и нашите резултати и дека тие ќе најдат широка практична примена во борбата со ковид-19.