Д-р Докиќ: За еден степен треба да се зголеми заштитата, носете две маски наместо една!

Останува миењето раце, редовната дезинфекција, но треба да се практикува носење две заштитни маски на лицето - рече директорот на Клиниката за пулмологија.

2,686

Потребно е за еден степен да се зголеми заштитата од коронавирусот, бидејќи новиот сој забрзано се шири и луѓето можат многу полесно да се заразат, рече директорот на Клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ.

– Новиот сој на коронавирусот се шири полесно оти има мутација на протеинот. Ова настанува кај неколку мутации и постојат повеќе агресивни соеви, но сакам да кажам дека граѓаните поради таа мутација можат полесно да се заразат. Тоа значи дека треба за уште еден степен да се зголеми заштитата. Останува миењето раце, редовната дезинфекција, но треба да се практикува носење две заштитни маски на лицето – рече д-р Докиќ.






Во однос на клиничката слика, додаде тој, не може со сигурност да се утврди дали овој нов сој на коронавирусот прави потешка клиничка слика.

– Некои пациенти доаѓаат многу доцна во болница, па не можеме да утврдиме која е причината за тешката клиничка слика. Не знаеме дали е поради тоа што мутацијата е агресивна или поради тоа што луѓето се многу доцна хоспитализирани. Сите вакцини штитат од мутираните соеви, па докажно е дека соевите можат да бидат спречени доколку луѓето се вакцинираат со постоечките вакцини. Има доволно сместувачки капацитет во болниците и ги уверувам граѓаните дека лекуваме според строги протоколи – истакна д-р Докиќ.

Тој се осврна и на искуството со лекот ивермектин.

Искуството со лекот ивермектин во секоја земја е различно. Во изјавата на EMA – European Medicines Agency се вели дека тие сè уште не го регистрирале овој лек, бидејќи немаат доволно докази дали делува. Имаат студии каде што тој имал позитивен ефект, но имаат студии и каде што немало адекватен ефект. Секаде имало некаков ефект. Во истатата таа изјава на ЕМА, Чешка како западно-европска земја членка на ЕУ и Словачка го регистрирале ивермектинот како лек против ковид-19 – рече докторот.

Докиќ уште еднаш потенцираше дека тој не го напишал текстот кој денеска се ширеше на социјалните мрежи, а како што рече, случајот е пријавен во полиција.

– Не сум го напишал текстот и не стојам зад напишаното во текстот. Ова дело го пријавив во полиција и сметам дека институциите ќе преземат мерки. Ние добро се справуваме со оваа криза – истакна Докиќ.

Поврзани содржини