Д-р Бошковски: Бев меѓу првите заразени лекари, состојбата не беше наивна, сега дарував крвна плазма
Д-р Мирослав Бошковски, претседател на општинскиот органок во Куманово на Лекарската комора преку Фејсбук го сподели своето искуство со ковид-19. Тој воедно апелира до сите што го прележале вирусот да даруваат крвна плазма за да може да им помогнат и на други животи.
– Бев меѓу првите заразени здравствени работници од Куманово. Прележав ковид-19 со средно тешка клиничка слика, но не беше ни најмалку наивна состојбата, 17 дена бев хоспитализиран на инфективното одделение во ОБ Куманово.
Штом помина минималниот задолжителен период од оздравувањето се пријавив во регистарот за донирање рековалесцентна плазма, пред околу 10 дена, но не беа сите анализи завршени за да можам веднаш да донирам.
Активен член сум на Лекарската комора, на почетокот на месецот организиравме крводарителска акција помеѓу докторите која за жал, моравме да ја одложиме поради наглиот скок на новозаболени од ковид19.
Знаејќи дека сум кр вна група Б+ и оздравен од ковид-19, претседателката на комората д-р Старделова ми го испрати апелот за донирање плазма кој се ширел неколку часа по социјалните мрежи.
Веднаш почнавме да се јавуваме на сите назначени телефони и стапив во контакт со семејството на пациентот и д-р Грубовиќ од Институтот за Трансфузиологија и веднаш се започна со правење на сите анализи кои недостигаа.
Утрово веќе беше издвоена крвна плазма и се надевам дека веќе е доставена во ГОБ „8 Септември”.
Апелирам до сите колеги и до сите граѓани кои прележале ковид-19 веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето веднаш да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар, напиша д-р Бошковски.