Д-р Бајрактаров: Градење солидарно општество е единствениот пат за враќање во нормала

Секојдневен предизвик на секој од нас треба да биде да работиме на себе и на сопствениот развој. Имаме едно тело, исто за нашето соматско, психичко и социјално здравје кое треба да си го пазиме и негуваме, вели д-р Бајрактаров.

1,037

Стресот е универзален предизвик со кој ние учиме да се справуваме и надминувајќи го, да го одиме патот на нашиот развој. И оваа криза ни покажува колку флексибилни и адаптибилни може да бидеме, дека мнозинството може да се прилагоди и да најде начини да го пренасочи своето функционирање и начин на живеење. Во изминатиов период имавме шанса да го испланираме нашето враќање во посоцијализиран начин на секојдневниот живот и тоа треба сега да го искористиме и да го имплементираме. Доколку сме ја научиле лекцијата, ќе ги почитуваме правилата на заштита и ќе можеме да уживаме во оваа убава пролет, вели во разговор за Плусинфо, доц. д-р Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.

Тој се надева дека нема да си направиме самите на себе таков предизвик, да предизвикаме враќање на бран на болеста, односно пак да се вратиме во услови на зголемени мерки на заштитa. Враќањето на украдената убавина на слободно живеење од коронавирусот е сепак наш заеднички избор. 






А колкав стрес за луѓето сега ќе биде враќањето на работа и на обврските?

– Работата го создала човекот и овој начин на стрес мислам дека ќе биде позитивен, од повеќе аспекти. Една поговорка вели „ако сакаш да го казниш човека, остај го без работа“. Враќањето на работните обврски носи и асоцијација на наша социјализација, себевреднување, остварување на општествената улога, исполнителност, па и економска сигурност. Многу луѓе се исплашени за сигурноста на своите работни места, за опстанокот на нивните работни организации, така што нормализирањето на работниот процес сигурно ќе влијае позитивно и на менталното здравје на сите работници. Одреден стрес ќе биде и почитувањето на заштитните мерки, но се надевам дека научивме дека нашата сопствена ресоцијализација и општествена реинтеграција треба да биде заедничка голема мотивација.

Имавте ли зголемен број пациенти на Клиниката и најчесто со кои акутни состојби ги примавте? А што најчесто прашуваа граѓаните на дежурните телефони и на кои психички состојби најчесто се жалеа?

– За сето време на кризата, Универзитетската клиника за психијатрија работи и беа прегледани сите пациенти кои беа закажани во „Мој термин“, во најголем број по принципот на телемедицина, односно телепсихијатрија – преку видео врски, преку познатите апликации (најчесто Вибер и Скајп). Потоа се прави извештај со препорака за понатамошен третман и тој во „Мој термин“ му е веднаш достапен на пациентот преку матичниот лекар. Со ова континуирано им се достапни здравствени услуги на пациентите, се намалува опасноста од зараза и опасноста од патување, односно превозот до здравствената организација. И психолошката служба е достапна на овој начин, така што се адаптиравме и за психолошко советување со онлајн услуги. Според реакциите на пациентите, ова е успешен компромис со доста бенефити.

Во последниот период има сѐ поголем пораст на анксиозно-депресивните состојби, но и на проблеми на бихејвиорален план и тоа повеќе кај помлади лица, што е поврзано со адаптирање на состојбата.

Кој е најдобриот одбранбен механизам кај луѓето за невообичаените состојби како што е вонредната поради коронавирусот? Некои не гледаат вести и не следат што е ново во светот, други не сакаат средби со познаници и по два месеци изолација… Д-р Бајрактаров, што е нормална реакција во оваа состојба, кое однесување, а што е патологија и мора да побараме помош? Кога стравот е мобилизирачки и нѐ штити, а во кои случаи е ирационален?

– Стравот е силна непријатна емоција предизвикана од исчекување или свесност за опасност. Пандемијата секако дека предизвикува страв за загрозеност на нашето здравје и на нашиот живот. Тој може да биде парализирачки и целосно да го оневозможи лицето да функционира, до степен самиот да си создаде психолошки стеги кои ќе го направат затвореник на самиот себе. Со коронавирусот се појавуваат стравови. Стравот да се разболите вие или некој од вашето семејство, асоцираната можност од губиток, немањето на контрола во оваа борба не прави сите нас вулнерабилни во оваа ситуација.

Секој човек на свој сопствен начин се справува со стресот и со стравот, вклучително и со оваа ситуација, која не верувавме дека може да ни се случи. Некој може да негира постоење на опасност од пандемијата, со однесување дека ако не се плаши, ако не слуша вести, ако негира дека постои вирус и образложува теории на заговори, тогаш опасноста не постои. Таква реакција е често видена кај децата, во секојдневните нивни игри. Но ваква реакција гледаме и кај многу возрасни, и верувам дека можеме да најдеме паралела на ваквите реакции со лицата за кои гледаме во јавноста дека не ги почитуваат препораките или ги игнорираат. Но нормална реакција на зрела индивидуа е дека треба да се соочи со проблемот, да бара решение и да ги насочи своите постапки кон решавање на проблемот, во овој случај прифаќање и препознавање на опасноста од заразна болест. За да се справиме со неа треба да се почитуваат препораките кои здравствените власти постојано ни го повторуваат на мошне јасен начин. Најважно е овие реакции да се прифатат и да се кренат на колективно ниво, со што би дале единствен доказ дека сме зрели како нација, дека знаеме да понесеме одговорност кон заедничка цел. Во спротивно, ќе останеме заложници на регресивни колективни псевдоидеологизирачки нагони, кои постојано ќе нѐ враќаат на исти неуспешни обрасци на однесување и дејствување.

Која е „формулата“ за што побезболно враќање на граѓаните во нормалниот живот? 

– Свесноста за предизвиците на нашето здравје, одговорноста кон себе и кон другите, повторно градење на солидарно општество, според мене е единствениот пат за враќање на нормалното. Се надевам дека оваа криза ќе нѐ потсети на зборот солидарност, кој денес го покажуваат општествено одговорни граѓани со конкретни примери, со многу позитивни активности, со конкретни придонеси кон групи и поедници под ризик, на пример, поддршката за зачувување на работни места. Сведоци сме дека се потврдува и правилото дека секоја позитивна идеја предизвикува и реакција на дежурните опортунисти, чија деструктивност јавноста е способна да ја лоцира, да ја препознае и да направи дистанца. Ако не сме ја научиле лекцијата, ако не се однесуваме рационално и одговорно, мислам дека здравствените власти ќе бидат принудени многу внимателно да ги укинуваат мерките. Се надевам дека ќе покажеме дека ги разбираме пораките од пошироката заедница и дека сме ги инкорпорирале европските вредности, за да покажеме дека цивилизациски го заслужуваме нашето право на враќање во нормала.

Имавте ли заболен од ковид-19 на Клиниката? 

Имавме неколку пациенти кои беа заразени со ковид-19. Оние кои беа со знаци на болест беа преместени во ГОБ „8 Септември“ и сакам да изразам благодарност до колегите од Итната помош и од ГОБ за одличната соработка и за заедничкиот ангажман околу пациентите. Персоналот на нашата клиника се однесува според сите протоколи за заштита, но и за третман на нашите пациенти, и за среќа, засега немаме заразени меѓу персоналот, веројатно благодарение на нашите колективни заложби.

Кои беа најчестите прашања по телефон до вашите лекари од заболените од ковид-19?

Стравот од осаменост во услови на самоизолација е веројатно уникатно чувство и доживување карактеристично за оваа кризна состојба, што е најчеста причина за барање помош. Чести се и прашањата за справување со стравот од болеста, стравот за блиските, како и страв од симптомите кај заразените лица кои ни се јавуваа. Родителите најчесто се јавуваа за тоа како да се справат со предизвиците поврзани со целодневниот престој на децата во затворени услови. 

Како најдобро да го подготвиме организмот за враќање на нормалниот живот, во услови кога и понатаму ќе мора да внимаваме на секој контакт дека можеби токму тој е заразен со вирусот? 

Секојдневен предизвик на секој од нас треба да биде да работиме на себе и на сопствениот развој. Имаме едно тело, исто за нашето соматско, психичко и социјално здравје кое треба да си го пазиме и негуваме. И во услови на подолг престој во домашни услови, физичките вежби треба да ни се секојдневие, како и вежбањето на нашите мали сиви клетки, како што вели Херкул Поаро. Социјалните активности, иако во друга форма и со физичка дистанцираност, мора да ни се секојдневна рутина, ако ги почитуваме препораките ќе се намалат и заразените лица и ирационалниот страв од контакти. За тоа ќе ни треба време, но велат дека трпението е предуслов на успехот.

Поврзани содржини