ЦРВЕНИТЕ ТАБЛИЧКИ ПРОБЛЕМАТИЧНИ ЗА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ Казните стигнуваат кај лизинг-компаниите

Сметам дека казната треба да ја плаќа оној што го направил прекршокот, а не компанијата - рече директорот на СОЗР Томовски.

660

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, во телевизиско гостување на откри дека новите црвени регистарски таблички за службените возила биле претходно тестирани преку системот за видео-надзор „Безбеден град“. По успешната тест-фаза, започнала и нивната изработка.

Томовски објасни дека тестирањето открило значителен проблем: прекршочните пораки од системот „Безбеден град“ пристигнуваат директно до лизинг-компаниите од кои Владата ги набавила возилата. Поради тоа, дел од казните најпрво се слеваат кај нив, а потоа се пренасочуваат до СОЗР.






– Сметам дека казната треба да ја плаќа оној што го направил прекршокот, а не компанијата – рече Томовски, најавувајќи дека Владата разгледува можни законски измени за да се отстрани ваквиот практичен проблем.

Во врска со идејата службените возила да добијат и ГПС-уреди за сателитско следење, тој посочи дека конечната одлука ќе зависи од анализата на резултатите од „Безбеден град“ и реалните потреби на институциите.

– Ќе почекаме да видиме дали тоа навистина ќе биде неопходно – додаде Томовски.

Поврзани содржини