Creative Hub изработи HR tech решение кое компаниите ќе можат бесплатно да го користат
Се работи за алатка која промовира позитивна енергија, мотивација, и ја продлабочува колегијалноста, почитта и довербата.
Ана Паунова е дипломиранa студентка на Академијата за човечки ресурси Creative Hub која беше дел од групата што изработи 4 дигитални алатки кои македонските компании ќе можат бесплатно да ги користат за унапредување на HR процесите.
Низ неколку прашања, Ана подетално објаснува како дошла до Creative Hub, импактот кој хабот го имал врз неа и секако успешните хакатони кои се случија неодамна.
Ана, за почеток како до Академијата за човечки ресурси во Creative Hub?
– Отсекогаш сум сметала дека е потребно постојано учење и едукација, за надоградување во кариерата и одбраната професија. Веќе подолго време се интересирав за доедукација на полето на човечки ресурси и помеѓу програмите достапни кај нас најмногу ми се допадна програмата на Академијата Creative Hub. Сето тоа во време на пандемија, кога животот нѐ смести дома и пред компјутеритe, се наметна како идеално време за доедукација.
Вие сте административен HR асистент во Pickatale. Кажете ни, како HR Академијата Ви помогна во вашиот веќе реализиран професионален живот?
– Работата во една динамична средина несомнено бара адаптација кон промените и новитетите во професијата. Академијата претставува алатка плус во надополнување на стекнатите искуства, вештини и знаења. Како HR асистент секојдневно се соочувам со ситуации и прашања на кои Академијата во голем дел ги исполни моите очекувања со своите одговори и решенија.
Низ целата програма наидов на супер квалитетни предавачи, кои секогаш беа тука и за прашања кои се дел од секојдневни ситуации со кои се соочуваме во професионалниот живот.
Како се одвиваше Академијата, може ли нешто повеќе за теоретскиот но и практичниот дел?
– Академијата се одвиваше во текот на 5 месеци, со програма која е сочинета од 7 модули. Како една убава завршница на предавањата би ги издвоила четирите хакатони, каде на стекнатите знаења бевме во можност да им дадеме практична примена и да креираме 4 tech решенија.
Сето ова со посебна намена да креираме професионална асистенција не само на HR професионалците, туку и на менаџерите и вработените во компанијата.
Неодамна го завршивте вашиот прв хакатон со останатите студенти наречен „Браво колега“. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за него?
– Меѓучовечките односи се крвотокот на компанијата, стимулираат почит, доверба и хармонија. Во таа насока го изработивме и првиот хакатон насловен „Браво колега“. Во суштина изработивме едно дигитално tech решение, односно алатка која го промовира протокот на позитивна мисла и зборови помеѓу вработените во компанијата. Истовремено оваа HR алатка ќе биде бесплатно достапна и на сајтот hr.mk, каде македонските компании ќе можат да ја преземат и да ја користат за промоција на лојалност, колегијалност и почитување.
Несомнено е дека со колегите го поминуваме поголемиот дел од нашиот ден, доживуваме незаборавни моменти и стекнуваме пријателства. Оттаму и мотото на оваа алатка гласи „Покажи му на твојот колега дека го цениш. Разубави го неговиот ден!“
Поаѓајќи од тоа дека кога е ценета нашата работа, ние многу понапорно работиме, низ неколку опции со понудени пораки ќе може да му се заблагодарите на лојалноста на колегата, да му се заблагодарите за добро завршената работа, или пак да испратите честитка за некој одреден milestone во неговиот живот. Ако може да сублимираме се работи за алатка која промовира позитивна енергија, мотивација, и ја продлабочува колегијалноста, почитта и довербата.
Потоа следуваше и вториот, „Оцени се сам!“ Што претставува алатката „Оцени се сам?”
– Алатката „Оцени се сам“ претставува алатка за самоевалуација, која вработените ќе може да ја користат за да го самоевалуираат својот перформанс, пред годишните или периодичните евалуации во компаниите. Алатката исто ќе им ја олесни работата и на сите HR професионалци и менаџери пред самите евалуации на перформансите во компаниите.
Способноста за самоанализа несомнено треба да биде составен дел од карактерот на личноста. Самокритичноста претставува значаен дел од личниот раст и развој и може многу да му помогне на оној кој сака да ги препознае своите слаби страни, односно сегментите во кои треба да се подобри. Ќе му овозможи на самиот вработен да согледа кои вештини и компетенции треба да ги подобри, а и да му понудат објективен поглед во однос на оценка на истите.
Дали луѓето ќе имаат некаква придобивка од овие две дигитални решенија? Зошто би требало да ги користат?
– Секако, овие дигитални решенија имаат широка употреба. Во интерес на компанијата е да ги користат HR професионалците, но исто така и самите вработени и менаџерите во компанијата. Сѐ со цел формирање на силна и позитивна корпоративна култура, зацврстување на тимскиот дух и секако доживување на убави моменти и искуства, во една позитивна и здрава работна средина.
Колку сте Вие задоволни од решенијата?
– Морам да признаам дека сум навистина задоволна. Процесот на создавање беше пријатен и ефективен, секое решение го изработивме во рок од само два часа. Но, секако дека не завршуваме тука, секогаш има простор за подобрување, а има простор и за нови идеи и нови практични решенија.