ЦИКЛОН НОСИ ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО Дожд, ветер и пад на температурите

Метеоролозите од УХМР најавуваат циклонска активност со дожд, снег на планините и засилен ветер, а од викендот стабилизација на времето.

152

Метеоролозите најавуваат промена на времето под влијание на циклонска активност, која ќе донесе врнежи од дожд, а на повисоките места и снег. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, oд утре па во следните денови ќе има заладување, поради што дел од врнежите ќе преминуваат во снег и во некои повисоки населени места.

Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога локално може да наврнат и над 50 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер од североисточен правец, особено во среда.






Во главниот град Скопје, во наредните три дена се очекуваат повремени врнежи од дожд, со поинтензивни врнежи во среда попладне и четврток. Потоа, метеоролозите најавуваат стабилизирање на времето и постепен пораст на температурите.

Според прогнозата, во среда ќе преовладува претежно облачно време со локални врнежи од дожд, додека на повисоките планини на северозапад врнежите ќе преминуваат во снег. Температурите ќе се движат од 0 до 6 степени наутро и од 8 до 13 степени во текот на денот.

Во четврток ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, со максимални температури од 7 до 12 степени.

Во петок времето ќе биде променливо облачно со повремени слаби врнежи, а температурите ќе се движат од -1 до 6 степени наутро и до 15 степени преку ден.

Од викендот, според најавите, следува стабилизација на времето со повеќе сончеви периоди и пораст на дневните температури.

Поврзани содржини