ЦИГАРИТЕ ИСЧЕЗНУВААТ ОД ЈАВНИТЕ МЕСТА Новиот закон ќе ги шокира пушачите

Нов закон за заштита од пушење предвидува целосна забрана во сите затворени јавни простори, ограничување на електронски цигари и ароматизирани тутунски производи, како и целосно скривање на цигарите во маркетите.

5,730

Македонија се подготвува за радикален пресврт во законот за забрана на пушење. Според новиот предлог-закон, забраната ќе важи во сите затворени јавни простори, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи ќе бидат драстично ограничени. Цигарите целосно ќе се тргнат од видното поле на купувачите во маркетите, овјави Телма.

Законот е скроен и наскоро ќе биде ставен на јавна расправа. Во сегашната верзија се предвидуваат ригорозни правила за сите затворени јавни институции и угостителски објекти.






„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, меани и кантини“, се наведува во предлог-законот.

Пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Забрана ќе важи и во автомобил во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, пазари и редица други јавни простори.

Истата забрана ќе важи и за сите видови електронски цигари и вејп уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани тутунски производи.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, се наведува во предлог-законот.

Исто така, цигарите, било обични, било електронски, ќе бидат целосно скриени и нема да смеат да се рекламираат или да бидат видливо изложени на рафтовите.

Министерството за здравство, кое го подготви законското решение, посочува дека целта е заштита на граѓаните и спречување на здравствена катастрофа.

– Со предлог-законот се предвидува воведување појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со фокус на превенција и заштита на децата и младите. Целта е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување на нови генерации зависници – велат од Министерството за здравство.

Според податоците од Фондот за здравство, стапката на пушење кај возрасни надминува 45%, што е далеку над европскиот просек. Половината од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а годишно околу 4.000 лица умираат од болести поврзани со пушењето.

Со воведувањето на овие построги мерки, Македонија се стреми да се приближи кон европските стандарди за заштита од тутун, да го намали бројот на пушачи и да спречи создавање нови генерации зависници.

Поврзани содржини