Чувајте ги сметките од купениот „клексан“, Фондот за здравство ќе ви ги врати парите
Граѓаните преку социјалните мрежи споделуваат искуства кои документи се потребни за да се добие поврат на средствата од купувањето на лекот „клексан“.
Потрошувачката на лекот „клексан“ значително се зголеми откако овој лек се дава кај дел од пациентите со ковид-19, кои што имаат проблеми со коагулацијата на крвта. Само за овој лек, граѓаните можат да си ги повратат парите од Фондот за здравство. Каква е процедурата?
За да се оставари поврат на парите потребен е извештај на кој „клексанот“ е препишан од доктор/специјалист, потоа фискална сметка со сметкопотврда, потврда од матичен лекар која се добива по земањето на инјекциите, како и фотокопија од трансакциска сметка. Со сите овие докмуенти треба да се пополни и барањето од ФЗОМ за поврат на средствата и да се достави на шалтерите во која било подрачна единица. Од ФЗОМ соопштуваат дека за ова е воведена електронска услуга и објаснето е што сѐ е потребно за граѓаните да ги добијат парите назад.
– Втората нова електронска услуга, всушност, претставуваат две услуги кои ги нуди Фондот споени во една, т.е. право на надоместок на средства за набавени лекови на рецепт, независно дали лекот е на болничка или примарна позитивна листа. Ова право е законски гарантирано за осигуреникот и исто така произлегува од законот за здравствено осигурување. Доколку на осигуреникот за време болничкото лекување му е побарано да купи лек кој се наоѓа на позитивната листа, по завршување на лекувањето има право да поднесе барање за рефундација на средства од страна на ФЗОМ. Воедно, во овој сегмент се вклучени и лекови од болничка листа кои се примаат по препорака на специјалист (некогаш и во домашни услови), а здравствената установа нема обврска да ги набавува (како на пример „клексан“). Осигуреникот барањето за рефундација ќе може да го поднесува електронски, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач. Напоменуваме дека рефундација се остварува само доколку лековите се купени од аптека со која Фондот има склучено договор – соопшти ФЗОМ.
Надлежните не признаваат дека има недостиг од лекот иако годинава тој се троши тројно повеќе од лани.
– Зголемена е потрошувачката на „клексан“ насекаде. Така и кај нас, компанијата резервираше поголеми количини и тие се дистрибурани до сите болнички установи. Во меѓувреме, онаму каде што требаше, се даваше друга форма на „хепарин“. Така што криза во смисла на недостаток нема, туку зголемена потрошувачка – објасни деновиве министерот за здравство Венко Филипче.
И опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини министерот Филипче дека во ова кризно време не успеал на пациентите да им обезбедни доволни количини од лекот „клексан“.
– Сега има недостиг на антикоагулантна терапија, или нема од познатиот „клексан“, во јавните здравствени установи, на клиниките и во болниците. Антикоагулантна терапија нема веќе ниту во аптеките. А станува збор за терапија кој е клучна за пациентите и не само оние заболени од корона. Филипче и надлежните наместо уште на почетокот на корона кризата да воспостават целосна контрола на медикаментите, како и залихите со кои располагаат веледрогериите и аптеките, си ги тераа бизнисите – обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Плусинфо се обиде да дојде до информации дали во аптеките го има лекот „клексан“ и речиси во сите добивме идентичен одговор дека во моментов тој е дефицитарен, пристигнува во мала количина и буквално веднаш се продава. Исто така, додаваат дека немаат информации кога ќе биде достапен за да може да го купат оние на кои им е потребен.
„Клексанот“ се употребува за спречување на крвни згрутчувања во вените и во артериите, а во последниве месеци најчесто го бараат заболени од ковид-19 кои имаат потешка форма на болеста.
Но, од Фондот не ни одговорија за колку време ги враќаат парите на сметките на граѓаните. Некои граѓани сведочат дека чекале еден месец, а некои и подолго.