Во однос на објавата во некои од медиумите, а поврзана со денешното одбележувањето на Денот на полицијата ја информирам јавноста дека за конкретниот случај поврзан со новинарот веќе од страна на Одделот за внатрешна контрола се преземаат соодветни активности и доколку се утврди дека од страна на вработените во МВР се пречекорени службените овластување за истите ќе следи постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, напиша на својот профил на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, синоќа.
Тој апелира до новинарите да се придржуваат и да го почитуваат етичкиот новинарски кодекс. „Градењето на коректни односи со медиумските работници е од исклучително значење, но тој однос неопходно е да го градиме заеднички“, додава министерот.
Чулев се осврна на објавите на социјалните мрежи на Денот на полицијата и посочи дека тие се „резултат на стравот од професионално работење на полицијата и на неселективна борба против криминалот“.
„Веројатно, тоа што беспоштедно тргнавме во борба против криминалот и фактот дека Министерството за внатрешни работи конечно е сервис на граѓаните е причината за зачестените политички напади во последниот период.
Во однос на објавите од страна на Мухамед Зекири, најпрво ќе гo запрашам дали тој ќе одговара што во јавноста објавуваат стари фотографии и истите ги доведуваат во корелација со актуелни настани? Дали позади нападите на Министерството за внатрешни работи стои директен напад кон полициските службеници? Дали тој ќе поднесе оставка од позицијата поради тоа што на социјалните мрежи споделува лажни и неточни информации? Дали е коректно еден партиски функционер пред јавноста да објавува монтирани, стари архивски фотографии и со истото да се напаѓа полицијата?
Дополнително, ја информирам јавноста дека во конкретниот настан се преземаат сите мерки и ќе бидат преземени соодветни активности во согласност со законот. Најодговорно тврдам дека настанот од кој се објавени фотографии, а кои наводно се направени на Денот на полицијата не се направени оваа година и со овие обвинувања уште еднаш во контекст на политиката, а без аргумент се напаѓа Министерството за внатрешни работи“, наведе Чулев.
ЗНМ вчера реагираше дека обезбедувањето на министерот на крајно недоличен начин пробувало да го оддалечи новинарот Фуркан Салиу од ТВ 21 од министерот Чулев поради тоа што тој сакал да му постави прашање.