Чулев изрази сочувство за полицаецот кој беше жртва на коронавирусот

393

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети Куманово, каде што вчера почина полицаец заразен со коронавирусот.

„Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина лицето И.С. вработен во Министерството за внатрешни работи како полициски службеник на граничниот премин Белановце. Според информациите кои во текот на вчерашното попладне ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот. Во оваа прилика сакам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам најдлабоко сочувство за загубата, пред сѐ, до неговото семејство, а истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело. Сите ние во Министерството за внатрешни работи изгубивме почитуван колега, пријател и вработен кој несебично даваше активен придонес во справување со секојдневните предизвици меѓу кои и предизвиците поврзани со ширењето на коронавирусот. Полициската работа бара натчовечки напори, исклучителност и пожртвуваност во извршување на работните обврски. Тоа посебно е изразено и важно во вакви времиња кога државата и граѓаните секојдневно се соочени со предизвикот да го заштитат својот живот и животот на своите најблиски, а токму полициските службеници се тие кои по медицинскиот персонал имаат најголема одговорност“, напиша министерот Чулев на својот профил на Фејсбук.






Токму затоа тој апелира до граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања.

„Основна задача и прироритет на МВР во овој период е заштита на животот и здравјето на граѓаните, а имајќи ги предвид последните податоци кои покажуваат зголемен број на лица кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, но и бројката на починати лица, сакам да нагласам дека како министер за внатрешни работи инсистирам полициските службеници да постапуваат поригорозно во преземањето на активностите со кои го гарантираат соодветното спроведување на мерките и одлуките на Владата, а со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме нашата заложба дека здравјето и животот на граѓаните се најважни“, додава министерот Чулев.

Поврзани содржини