Чулев е против првомајски карантин, предлага поблаги мерки: Граѓаните нека се рекреираат во шумите и планините
Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од ковид-19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје, пишува на Фејсбук Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.
„На денешната седница на Координативниот штаб во владата уште еднаш го афирмирав мојот став дека неопходно е одлуките кои ќе се донесат да не бидат во насока на заострување на мерките за движење. Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. И понатаму стојам на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните, пишува Чулев и апелира граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пак смета дека треба да се слушаат епидемиолозите и од четврток во 19 часот ден пред први мај да почне карантинот и да трае до понеделник наутро.