Чулев: Ангеловска го кажа тоа што го мисли Спасовски
Ги повикувам полициските синдикати јавно да се спротивстават на оваа одлука која Владата има намера да ја донесе, а која директно ќе нанесе штета на сите вработени во Министерството за внатрешни работи, напиша Чулев на Фејсбук.
Денешната изјава на Министерката за финансии Нина Ангеловска е уште еден доказ за негрижата на Владата предводена од Оливер Спасовски за вработените во Министерството за внатрешни работи, бидејќи министерката Ангеловска денеска го кажа тоа што во суштина го мисли Оливер Спасовски, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук, а во врска со владината одлука да не им се додели награда од 15.000 денари на вработените во МВР.
„Токму Оливер Спасовски во изминатиот период постојано потенцираше дека стандардот на полициските службеници е важен, но веројатно само кога тој е на чело на Министерството за внатрешни работи. Грижата за нив и за нивните плати заврши во моментот кога тој замина од Министерството за внатрешни работи. За Оливер Спасовски и министрите во Владата маргинален е фактот дека полициските службеници, деноноќно и неуморно застанаа во одбрана на здравјето на граѓаните на нашата држава. Ги повикувам полициските синдикати јавно да се спротивстават на оваа одлука која Владата има намера да ја донесе, а која директно ќе нанесе штета на сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Јас како министер за внатрешни работи сум исклучително благодарен и понатаму ќе се заложувам полициските службеници да ја добијат наградата која следува. А во врска со денешната изјава на Министерката Ангеловска дека предлогот за кратење е доставен од моја страна, напоменувам дека до сега од буџетот на Министерството за внатрешни се скратени околу 5 милиони евра и кратењето е направено на барање на Министерството за финансии, а за потребите на ребалансот на буџетот. Ова кратење го направивме во најголем дел од ставката „капитални расходи“ и стоки и услуги за истото да има најмал негативен ефект врз вработените во Министерството за внатрешни работи. Свесен сум дека пандемијата поврзана со ковид 19 сериозно ги намали приходите во буџетот, но исто така убеден сум дека оваа награда е повеќе од заслужена и истата ќе влијае мотивирачки врз понатамошниот ангажман на полициските службеници поврзан со коронавирусот“, напиша Чулев.
Претходно, министерката Ангеловска на прес-конференција соопшти дека нема да биде прифатена предлог-уредбата на Чулев за еднократна и линеарна финансиска награда од 15.000 денари за сите полициски службеници.
– Секоја чест за чуварите на нашиот јавен ред и мир. Многу службени лица и во другите сектори се залагаа во овој тежок период и работеа по 16-17 часа, па и во сабота и недела. Тоа е некоректен предлог, ако се знае дека само два дена претходно министерот Чулев поднесе предлог за кратење од 88 милиони денари од трошоците на министерството – рече Ангеловска.