ЧОВЕЧКА ГЛУПОСТ ЗАД 61 ОГАН ВО ТУРЦИЈА Причините за пожарите се неверојатни, повеќе од 20 осомничени
Повеќе од 60 пожари за три недели во Турција, илјадници хектари уништени, десетици осомничени.
Искри од комбајн, употреба на машини за балирање и дури и запалена свеќа на гроб се меѓу причините за 61 шумски пожар што избувнаа во Турција во периодот од 4 до 22 јули, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на својот Фејсбук профил.
Пожарите уништија илјадници хектари шума, предизвикаа масовни евакуации и го загрозија живиот свет во заштитени подрачја.
– Од вкупно 61 пожар, во 23 случаи се утврдени сторители. Четворица се во притвор, а 19 лица се со мерки за судски надзор – изјави Јерликаја.
Во Беликесир, пожарите на 7 и 11 јули биле предизвикани од искри од комбајн, при што се осомничени тројца – еден е во притвор, а двајца се под судски надзор. Слична причина е утврдена и кај пожарите во Ушак и Кјутахија.
Во Билеџик, на 20 јули, двајца се повикани на одговорност поради пожар предизвикан при жетва со комбајн, при што едно лице е во притвор. Во истата област, како и во Болу, пожари избувнале од машини за балирање, а осомничените се ослободени под надзор.
Особено шокантен е случајот од Тунџели на 13 јули, кога запалена свеќа на гроб, користена за верски ритуал, предизвикала пожар што се проширил по сува трева. Осомничениот е под судски надзор.
Во Ескишехир (4 јули), пожар избувнал за време на сечење дрва, а двајца се под надзор. Во Хатај (5 јули) е уапсено едно лице, додека во Текирдаг (11 јули), уште едно е под мерки за надзор.
Во Киркларели (12 јули), пожар бил предизвикан од мотор на возило, а осомничениот е под судски надзор.
Во Конија (14 јули), маж кој сакал да вари чај на отворено предизвикал пожар кој траел два дена. И тој е под надзор.
На 15 јули, во Маниса, избувнале два пожари, едниот поради искри од косачка, а другиот поради заварување. За вториот случај, сторителот е задржан.