📷 ЧИСТА ЕНЕРГИЈА ЗА 100.000 ДОМАЌИНСТВА, 600 НОВИ ВРАБОТУВАЊА, 55 ВЕТЕРНИЦИ Поставен камен темелникот на ветерниот парк кај Штип
Исклучително е пријатно чувството бидејќи по нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме заедно со компанијата, денеска добива некаква завршица, на првата фаза. Заедно со Даниел и соработниците најавивме инвестиција во делот на обновливата енергија во вредност од половина милијарда долари, изјави премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето на камен темелникот на ветерниот парк.
Камен-темелникот на најголемата досега инвестиција во чиста енергија во Македонија беше поставен денеска, 16 јули, во Штип. Ветерниот парк на „Алказар Енерџи“ вреден повеќе од 500 милиони долари треба да донесе чиста енергија за 100.000 домаќинства, 630 работни места и енергетска независност, истакна Даниел Калдерон, ко-основачот на „Алказар енерџи“.
Планирано е 55 ветерници да бидат поставени меѓу Штип, Карбинци и Радовиш на површина од околу 326 хектари.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека владата е сериозно посветена на економијата и силно верува дека земјата има голем потенцијал, па затоа, како што рече, со гиганстки чекори оди напред.


– Исклучително е пријатно чувството бидејќи по нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме заедно со компанијата, денеска добива некаква завршица, на првата фаза. Заедно со Даниел и соработниците најавивме инвестиција во делот на обновливата енергија во вредност од половина милијарда долари. Инвестиција која ќе биде модел како треба во иднина да се движиме. Ако нема дисциплина и јасна поставеност на еден проект, тогаш нема ништо. Ќе почне да се распаѓа сето она што го градите и на крајот нема да стигнете до посакуваната цел. Имаме уште многу идеи, но со компанијата тоа ќе го разговараме во некоја следна фаза – нагласи премиерот.
Даниел Калдерон, ко-основачот на „Алказар енерџи“ се заблагодари на работната дисциплина на Владата велејќи дека таа ги туркала како компанија за поскоро завршување на работите, нешто што не било случај во останатите земји каде работи компанијата.


– Ова е редок момент кога после 12 годишно постоење на „Алказар“ никогаш досега немаме успеано да стигнеме до оваа фаза на подготвеност за градба и тоа точно во согласност во временската рамка, што ја договоривме со владата уште во јуни минатата година. Во нашето долгогодишно искуство, без разлика во која земја сме во светот, најважна за нас е дисциплината при работата со нашите партнери. Вообичаено кога ќе работиме за други проекти, ние сме тие кои треба да ги туркаме институциите и владите на земјите за да завршат нешто. Раководните лица во Владата на Македонија беа тие што нас не’ туркаа да ги завршиме работите побрзо и им благодарам – истакна Калдерон.
Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски смета дека како нација можеме да водиме големи проекти.
– Во еднос на економијата имаме директен и индиректен импакт. Директен е она што ќе се произведе и продаде кое директно влегува во БДП, а индиректниот е многу поголем. За стопанството, за индустријата затоа што светот оди напред. ЕУ ги постави правилата за зелена транзиција ги постави, а тие велат дека особено во металната, во челичната индустрија, во индустрииите кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП, од 2026-та мора да се користи зелена енергија. Да дадеме шанса на нашата економија и компаниите да бидат конкурентни надвор на пазарот, вакви проекти ќе придонесат да бидеме лидери и во индустриското производство – истакна Николоски.
Ветерниот парк претставува и значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на земјата.