„ЧИН НА ЧИСТО ЗЛО“ Австралискиот премиер со остра осуда по нападот на плажата Бонди
Двајца вооружени напаѓачи отворија оган врз посетителите на плажата во Сиднеј, повеќе од 40 лица се повредени, истрагата е во тек.
Австралија е во жалост по крвавиот терористички напад што вчера се случи на познатата плажа Бонди во Сиднеј, во кој загинаа најмалку 16 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, а повеќе од 40 се повредени.
Нападот се случил на првиот ден од еврејскиот празник Ханука, кога две вооружени лица отвориле оган врз семејства и посетители на плажата. Според информациите на полицијата на Нов Јужен Велс, осомничени се 50-годишен маж и неговиот 24-годишен син.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе остро го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на чисто зло“ и јасен пример на тероризам и антисемитизам.
– Ова требаше да биде ден на радост и заедништво, но е засекогаш оцрнет од насилството што го видовме. Тоа што се случи во Бонди е чин на терор на австралиска почва – изјави Албанезе на прес-конференција.
Тој порача дека државата нема да дозволи омразата и поделбите да ја разнишаат нацијата и најави дека Австралија ќе преземе решителни чекори за сузбивање на антисемитизмот и екстремизмот.
– Никогаш нема да се покориме на насилството. Одбиваме да дозволиме вакви кукавички дела да нè поделат. Ќе го надминеме ова заедно, како нација – нагласи премиерот.
Во знак на почит кон жртвите, Албанезе најави дека знамињата низ целата земја денеска ќе бидат спуштени на половина копје, додека безбедносните служби продолжуваат со истрагата за мотивите и околностите на нападот.