ЧЕТИРИ ПОЖАРИ НЕ СЕ ПОД КОНТРОЛА Горат шуми во Кичево, Македонски Брод и Скопско
ЦУК регистрира 33 пожари на отворен простор до 7:30 часот – четири се активни, четири под контрола, а 25 се изгаснати
Најсериозна е состојбата во Студеничани и Зелениково, Македонски Брод и Кичево, каде пожарите зафаќаат мешана, нискостеблеста и букова шума
Вкупно 33 пожари на отворен простор се регистрирани во периодот од 23 до 24 август, до 7:30 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, четири се активни, четири се ставени под контрола, а 25 се изгаснати.
Најсериозна е состојбата во подрачјата каде пожарите зафаќаат шумски површини.
Во општините Студеничани и Зелениково, пожарот се шири на потегот од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, како и на кракот кон село Палиград и над село Вражале. Зафатена е мешана шума.
Активен пожар има и во општина Македонски Брод, во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Во општина Кичево, активен е пожарот во атарот на село Тајмиште, во месноста Дарда, каде што гори високостеблеста букова шума.
Пожар е активен и во општина Гостивар, во близина на село Горна Ѓоновица, каде е зафатена ниска вегетација.
Под контрола се ставени уште четири пожари.
Во општина Илинден, кај село Илинден, горела ниска вегетација и стрниште. Во Делчево, кај село Бигла, пожарот зафатил борова шума.
Пожар под контрола има и во село Туденце, општина Јегуновце, каде горела ниска вегетација, како и во подрачјето на селата Ломница и Ѓерѓевиште во општина Врапчиште, каде пожарот зафатил мешана шума.
Во текот на изминатиот период биле изгаснати 25 пожари на повеќе локации низ државата.
Во Студеничани, пожарот кај Цветово, на стариот пат кон Елово, зафатил ниска вегетација и ниска шума. Во Бутел, кај Визбегово, горел опожарен отпаден материјал. На подрачјето на Петровец, во атарите на Горно Коњаре, Вице и Сушица, биле зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Во Берово биле регистрирани два пожара – во месноста Маначија, каде горела ниска вегетација, и кај село Црник, во месноста Обајата, каде бил зафатен дел од борова шума.
Во Кичево пожарите кај Колари и Зајас зафатиле стрништа и нискостеблеста шума, односно стрниште.
Пожар бил изгаснат и во Струшко Поле, каде горела ниска вегетација, како и во Битола, на обиколницата кај тунелот.
Во Прилепско биле изгаснати пожари кај селата Веселчани, Бонче и Лопатица, при што гореле ниска вегетација, сува трева и нискостеблести растенија.
Во Кривогаштани, во атарите на Подвис и Локвени, пожарот зафатил ниска вегетација и стрниште.
Пожар бил изгаснат и во Сирково, општина Росоман, каде гореле ниска вегетација, трње и суви лозови гранки.
Во Велес, во населбата Речани, бил регистриран пожар на ниска вегетација.
Во тетовскиот регион, изгаснати се пожари во Слатино, Теарце, Тетово, Стримница и Церово, како и во Копанце и Туденце. Во Теарце горела и депонија.
Пожари биле изгаснати и во селата Церово и Церово во општините Желино и Врапчиште, каде биле зафатени шумски површини.
Во Липково, изгаснати се пожари кај Ропалце и Матејче, каде горела ниска вегетација.
Особено сериозна била ситуацијата во кумановското село Винице, каде пожарот зафатил ниска вегетација, шума и објекти – куќи. Пожарот е изгаснат.
ЦУК продолжува да ја следи состојбата на терен, додека надлежните служби интервенираат таму каде што пожарите сè уште се активни.