Честито Гордана!
Очекувањата се интелектуални, естетски, но и феминистички. Таа мора да покаже разлика во водењето политики, во комуникацијата, во приоритетите. Зашто има посебна мисија токму како жена. Да биде пример, поттик, мотив за други умни жени и да ги направи горди што се жени и што токму таа ги претставува.
Македонија ја доби првата претседателка на државата и со тоа направи цивилизациско поместување во вредносниот систем. Прифати највисоката државна функција на директни избори да ѝ ја довери на жена, исто како што ја доверуваше на неколкумина мажи пред неа. Прифати дека жена ќе биде врховен командант во чии раце е чувањето на мирот и безбедноста.
Овој чин има посебно значење и причини за гордост, зашто како општество надминавме една ментална бариера и се вброивме во 60-те земји кои досега имале жена на највисока функција, претседателка или премиерка. Прва е Сиримаво Бандаранаике од Шри Ланка во 1960, па Индира Ганди од Индија, се до лидерките од Финска, Британија, Ирска, Германија, Нов Зеланд, Хрватска, Словенија, Србија, Италија, Латвија, Грција, Бугарија, Исланд со дури 16 години владеење итн. Но жена на чело на држава е сеуште куриозитет во ситни бројки, со само 15 жени на највисоки функции во 2023 на светско ниво, што е 7,7%. Останатото се мажи, за кои милениумскиот патријархат сѐ уште грижливо ги чува највлијателните позиции за одлучување. (Статистиката е навистина чудесна наука, релјефно ги исцртува состојбите за да станат разбирливи!)
Кога се случува раритетот со жена на чело на државата, сите очи се вперени во неа, се следи секое движење, збор, се толкува мисла, се коментира гардероба, стил. Очекувањата се интелектуални, естетски, но и феминистички. Таа мора да покаже разлика во водењето политики, во комуникацијата, во приоритетите. Зашто има посебна мисија токму како жена. Да биде пример, поттик, мотив за други умни жени и да ги направи горди што се жени и што токму таа ги претставува.
Гордана Силјановска Давкова не е случајно претседателка. Има оставено јасна трага како општественик, научник и еден од најпочитуваните професори на Правниот факултет, специјалист по уставно право, кое стана мора за граѓаните последиве години. Во тоа својство е и во два мандата член на Венецијанската комисија за малцински прашања, како советодавно тело на Советот на Европа. Долгогодишен член е и на телото од независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа, како поддршка на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, на два пати и како негова претседателка. Гласен заговорник на европските изворни вредности, таа е основач и на Советот на европското движење во Македонија. Севкупно, досега не сме имале претседател со толку темелна и обемна подготовка за внес на Македонија во европските структури. И точка. Без запирка, без ама, без дилема.
Професорката е комплексен, слоевит лик, кој, фала Богу, не се објаснува во три реда. Отворена, директна, упорна, некои би рекле своеглава, што е според мене, посебен квалитет. И покрај оваа „незгодна“ карактерна црта, ја барале за експертиза и соработка и двете страни од политичкиот спектар. Едните и замеруваа за критиките на лошиот закон за територијална организација, другите за лошиот закон за високо образование и за учеството во професорскиот пленум во одбрана на автономијата на универзитетот. Но таа си остана на своите ставови.
Таа е брилијантен ерудит, кој се градел низ одличното поранешно образование, каде што петките и десетките го имаа своето значење, а се доградувал во европските научни центри и институции. Навистина е убаво чуството дека одличен ученик ќе ни ја води Македонија, и тоа не бубалица, туку паметна и писмена жена, која згора на сѐ, е загрижена екологистка и фантастично танцува рокенрол!
За мене, како долгогодишна активистка за женските права, е извонредно значајна и нејзината посветеност на оваа тема. Можам да посведочам дека Гордана е една од првите феминистки по осамостојувањето, која држеше предавања на феминистичката школа при СОЖМ, објаснувајќи го ноторниот факт дека феминистка не е нешто страшно или радикално, туку буквално значи борец за женски права!
Во 2000-та се вклучи во основањето на Македонското женско лоби – МЖЛ, кое го инициравме во рамките на Пактот за стабилност, како придонес кон мирот и демократијата, во време кога војни беснееја низ Балканот. Се боревме за повеќе жени во политиката, ние, жени од различни сектори – граѓански организации, политички партии, медиуми, синдикати, експертки. Со огромен ентузијазам ги надминавме етничките, верските и политичките разлики, изградивме доверба, пријателство и сојузништво, во време кога машките колеги во партиите не баш разговараа меѓу себе. На ист начин, заедно, лобиравме и за мир во Македонија во воениот конфликт во 2001 и по него. И во тие тешки времиња успевавме да изградиме консензус и да испорачаме заеднички усогласен став кон партиите, кон јавноста и кон останатите 12 земји од Пактот за стабилност.
Македонија имаше најдобри резултати во Југоисточна Европа и направивме скок од 6 на 42% жени во Парламентот и во советите! За влијанието на Македонското женско лоби врз јавните политики и социјалната кохезија добивме награди од меѓународни и домашни претставници (МЦМС во 2003). МЖЛ беше поддржано и од ко-претседавачите на Првата работна маса на Пактот за придонес кон меѓуетничкиот дијалог, Игор Џундев од македонска и Александрос Рондос од грчка страна, со отворање официјална канцеларија. Тогаш го регистриравме МЖЛ, а Гордана ја избравме за прва претседателка. Подоцна, договорно, таа обврска ја презеде Даниела Димитриевска, која го води се до денес.
МЖЛ беше и првата македонска организација што во 2006 успеа да стане полноправна членка на една европска мрежа. Тоа беше Европското женско лоби, најшироката женска мрежа во Европа со над 2.000 организации. Колку бевме радосни и горди, а коментарот на пресот ми беше: Македонија влезе во ЕУ со една женска штикла…!
Ајде честито Гордана, со среќа да е, сега имаш шанса да не внесеш со две женски штикли во ЕУ, како претседателка на сите граѓани! И еден аманет од мене како поранешна политичарка и целоживотна граѓанска активистка, со богато животно искуство со различни луѓе и карактери: да не ти удри моќта во глава и да останеш човек!
Да живее Македонија!
(Лилјана Поповска, членка на Извршниот одбор на Европското женско лоби)