„ЧЕСТИТКИ, НЕМАТЕ МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА“ Кристина Еплгејт дозна дека 5 години живеела со погрешна дијагноза, сега е пак на почеток

Актерката со години верувала дека боледува од мултипла склероза, а сега лекарите ѝ соопштиле дека дијагнозата била погрешна. Сепак, нејзините симптоми не исчезнале, туку, како што самата вели, состојбата ѝ се влошила.

0

Американската актерка Кристина Еплгејт (54) откри дека пет години живеела со дијагноза на мултипла склероза, за сега да дознае дека всушност ја нема оваа болест. Веста ја споделила во својот поткаст „MeSsy“, кој го води заедно со актерката Џејми Лин Сиглер.

Еплгејт раскажала дека направила пауза од снимањето за да се справи со шокот од новото сознание. Кога лекарот ѝ соопштил дека нема мултипла склероза, таа не почувствувала олеснување.






– Влезе во мојата соба и ми рече: Честитки, немате мултипла склероза. Воопшто не бев среќна. Сите други беа пресреќни – раскажала актерката низ солзи.

Причината за нејзината реакција е тоа што здравствените проблеми не исчезнале со повлекувањето на дијагнозата. Напротив, таа вели дека и понатаму се соочува со сериозни симптоми и дека нејзината состојба се влошила.

– Не можете да добиете погрешна дијагноза и одеднаш да ви стане подобро. Не сум оздравела, Џејми! Ако нешто се смени, состојбата ми се влоши – објаснила таа, додавајќи дека повторно е на почетокот, бидејќи не знае што точно ѝ се случува.

Погрешната дијагноза ѝ донела и емоционален товар. Со години разговарала јавно за животот со мултипла склероза и се поврзала со луѓе кои ја имаат истата болест. Сега, како што признала, се чувствува збунето и има впечаток дека ги изневерила оние на кои им била поддршка.

На лекарите им претстои да утврдат што ги предизвикува нејзините симптоми, кои ги има уште од 2021 година. Експертка по неврологија, гостувајќи во поткастот, посочила дека погрешната дијагноза на мултипла склероза не е реткост и дека кај дел од пациентите други состојби можат да предизвикаат слични симптоми.

Поврзани содржини