ЧЕСТИТИКИ ЗА РАМАЗАН БАЈРАМ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА И ОД ПРЕМИЕРОТ Пораки за сплотеност, хуманост и солидарност

Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото. Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава, вели премиерот Христијан Мицкоски во честитка до граѓаните од исламска вероисповед.

378

Пристигнуваат бројни честитики за верскиот празник Рамазан Бајрам кој муслиманите го слават денеска. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.

„Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските.






Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме“, вели претседателката во честитката додавајќи дека живееме во свет разбрануван од геополитиката во кој како држава треба да бидеме сплотени и обединети.

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата. Тој потсетува дека Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.

„Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото. Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава“, пишува Мицкоски во честитката.

Премиерот додава дека нивната заложба како Влада е да ги негуваат културата, традицијата, различностите, но пред се да реализираат проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.

 

Поврзани содржини