Чесна поддршка од Зелените за Македонија
Оваа посета на Зелените дојде како свеж ветрец во нашево застоено секојдневие. По подолго време, можев мирно да заспијам, знаејќи дека една група правдољубиви луѓе со ОНИЕ европски вредности во кои верував, застана зад Македонија и дека не сме сами во нашата сизифовска борба.
Зелените европратеници Рајнард Бутикофер и Тинеке Стрик дојдоа во Македонија како пријатели и заминаа како соборци за правичен и фер процес на евроинтеграција. Ова не го гледаме често, напротив.
Со години ни се врвчат високи и ниски политичари од цел свет и речиси сите ни се обраќаат со исти мантри, се гледа истиот бриф и исти поенти. Навредливо, потценувачки, си мијат раце и совест со нашата мака.
Македонија беше измамена премногу пати и никој не треба да се чуди за зголемената недоверба кон меѓународната заедница, како што збирно ја викаме.
А таа заедница е толку разнородна, со толку бои и нијанси. Еве, таму се и Зелениве, кои се надвор од мантрите, оригинални со пристапот и дејствувањето. Европските Зелени немаат мнозинство во Европскиот парламент. Заедно со Европската слободна алијанса, со која се во коалиција, се околу 10 проценти, но работат, се борат и успеваат како да се пет пати повеќе. Тие се заштитници на слабите, онеправданите, заборавените.
Европските Зелени беа речиси единствените доследни борци за заштита на човековите права и европските принципи, инсистирајќи на деблокада на Македонија и невнесување на билатералните спорови во европската агенда за време на мачните блокади од Грција. Исто како и во Советот на Европа, каде што се со години активни поддржувачи на правата на Македонците во Бугарија, со што се издејствувани 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права во нивна полза.
Затоа имаше кој да го слушне апелот и молбата за помош на Македонија, поради наметнатиот француски предлог за почеток на преговори, условен со промена на Уставот. Очигледно разбирајќи ја непринципиелноста, искусниот германски европратеник и поранешен ко-претседател на Зелените, Рајнхард Бутикофер, ќе изјави во македонскиот парламент: „Јас би бил За покренување на овие уставни прашања во време кога целокупните преговори ќе бидат финализирани и да кажеме ова е дел од финалниот пакет. Мислам дека проблемот, прашањето е дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една по една“.
Недвосмислена осуда на однесувањето на Бугарија кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет и јазик искажа и Тинеке Стрик, европратеничка од Холандија, известител во сенка за Европскиот парламент и портпарол за Македонија.
Јавно вети дека ќе направат се за да нема злоупотреби на една земја членка врз друга земја што сака да биде дел од Унијата: „Билатералниот конфликт, историските прашања, елементи, дилемите околу јазикот и историјата беа вметнати во овој процес. Ние јасно сме против ова и отсега натаму ќе се обидуваме да го исчистиме овој процес, да се осигуриме дека ова е еден фер процес каде што преговорите се врз основа на заслуги, критериуми, реформи, владеење на право, фундаментални човекови права, судство“.
Оваа посета на Зелените дојде како свеж ветрец во нашево застоено секојдневие. По подолго време, можев мирно да заспијам, знаејќи дека една група правдољубиви луѓе со ОНИЕ европски вредности во кои верував, застана зад Македонија и дека не сме сами во нашата сизифовска борба.
Можеби ова ќе охрабри повеќе луѓе што си ја сакаат земјата, да излезат од својата тага и безнадежност, па да побараат пријатели по светот. Секој да ја објаснува нашата вистина, нашите маки, нашите грешки и нашите заложби. Да побара помош. ИМА многу добри луѓе кои разбираат, други кои ќе разберат и ќе ни станат сојузници. Се бива со пријатели.
Борбата за целосно меѓународно етаблирање на Македонија ќе потрае. Ќе има сешто. Но мора да се издржи. Зарем им било полесно на Мисирков и Чупоски и илјадници знаени и незнаени борци на почетокот на минатиот век? Без своја држава и институции, а со поробен народ, од 2013-та и поделен помеѓу трите меѓународно признаени држави? Со трите пропаганди кои правеле пустош во телото и душата на Македонците?
Не, потешко им било, неспоредливо потешко! Но се бореле, пишувале писма и програми, молеле за поддршка, освестувале народ. Биле тепани од своите и од туѓите, но никогаш не се откажале. И поставиле темели врз кои можеле да стапнат подоцна Вапцаров, Рацин, Конески и сите ние. Борбата секогаш се исплаќа.