Червените линии на Венко Филипче
Другар Венко, кажи си ги бе ти тие твои „црвени линии“, не гледам причина зошто да чекаш да се согласеле сите други, во Собранието, со некаква резолуција. Пред избори си, бре, биди муж, крени ја раката гордо и високо и нацртај ни ги тие твои линии! Ако смееш …
Сè уште во ушите ни „ѕвони“ онаа смешна изјава, кога претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ни вети дека ќе ја жртвувал својата политичка кариера, ако ги внесеме Бугарите во Уставот.
На темата „Бугари во Уставот“ социјалдемократите веќе изгубија едни избори. Не сфатија дека идејата на Бугарија, но и на ЕУ, е Бугарите да влезат, а Македонците да излезат од Уставот на Северна Македонија.
Идејата е Македонците да се прогласат за „модерна“ нација, со „модерен“ мајчин јазик, токму така како што се предлагаше во амандманите на последниот Европски извештај за Македонија.
Нација создадена од Тито и Коминтерната, после 1945 година … аууу, ми здодеа по којзнае кој пат да ги објаснувам идеите на Тодор Живков, кои се основата на актуелната политика на Софија и на Брисел кон Македонија.
Идеја бонус е таа „модерна“ нација да се преименува во – Северномакедонци.
Освен тројца дефокусирани луѓе на јахтата „Фокус“ во Егејот – тројца во чамец, а за кучето и да не зборуваме – нема нормален човек во Македонија кој ова не во сфатил. А можеби и тие на јахтата тоа го сфатила, ама и тие се дел од санстефанските соништа на модерната бугарска политика, поддржана од бриселските бирократи.
Како и да е, Филипче сфатил и нешто друго, дека не сака да биде потопен уште еднаш на овие избори, не поради таа болна тема.
Нешто бавно сфаќа човекот, ама ете, најсетне сфатил каков му е алот. Сфатил дека е тотално изгубен и дека никому не му е јасно за кого навива лидерот на СДСМ на овие локални избори – дали за Горан Герасимовски за Центар (од кого се плаши дека би можел да му ја земе фотелјата на Бихаќка после изборите), дали за инсталатите на Радмила Шекеринска во ликот на неколку „независни“ кандидати, дали за некој трет можеби навистина независен …
Но, тоа е друга тема, на која наскоро ќе ѝ посветиме посебно внимание, со сите детали и пикантерии.
Тоа, како Венко Филипче ќе биде фрлен од јахтата да плива до брегот, ама од подалеку.
Во меѓувреме, лидерот на СДСМ решил да се спаси глумејќи патриот.
Бунтовник без причина.
Патриот без мотив.
Тој сега бара Собранието да донело заедничка резолуција за евроинтеграциите, со нашите „црвени линии“, а ако се повторело ветото од Бугарија, да сме ги прекинеле преговорите со Европската унија.
А бе кај ви текнуваат вакви работи?!
Бидејќи не сум уверен дека Венко со сидрото и Зоќе кормиларот сами ја смислиле оваа будалштина, живо ме интересира кој е креаторот. Ми личи ова на еден нивен неформален идеолог, па би му предложил на Филипче веднаш да си ги побара парите назад. Ако типот му наплатил за идејава. А тој не работи без пари и не за мали пари…
Ај да им објаснам малку на другарчињава кај е заебот. Фри оф чарџ!
Можеби Филипче не знае, но Бугарија никогаш нема ставено формално вето за преговорите на ЕУ со Македонија. Тоа значи дека бугарското неформално вето не може да се третира како casus beli за формален прекин на преговорите со Брисел.
Настрана што идејата за прекин на преговорите е глупава сама по себе. Таа, всушност, е мамката, со која Филипче наумил да го улови премиерот Христијан Мицкоски.
Драг Венко, те лажат бе комуњарите – тоа, дека риби се ловат ако намачкаш урда на задникот, тоа сепак е само шега, не е вистина.
Патем речено, другар Филипче, после се што излажаа твојот ментор Зоран Заев и неговиот краткотраен наследник Димитар Ковачевски, како и целата булумента од „проевропски“ министри, советници и пропагандисти на оваа тема, никој веќе не верува дека СДСМ може да одржи елементарна промакедонска позиција во спорот со Бугарија и во преговорите со ЕУ.
Едноставно, за овој СДСМ, тоа е невозможна мисија.
Нејсе, поради некои чудни причини, јас сум секогаш оптимист во врска со твојата политичка кариера, драг Венко, поточно во врска со идејата да ја жртвуваш – стори гио тоа час поскоро, за да ѝ се вратиш на својата докторска каруиера, додека не те изгазило времето и додека не те смачкале и противниците и твоите.
Како шлепер жаба, ти текнува?
Та затоа, претседателе Венко Филипче, ти предлагам онака најдругарски – кажи си ги бе ти тие твои „црвени линии“, не гледам причина зошто да чекаш да се согласеле сите други, во Собранието, со некаква резолуција што ти ја пишува тој што треба да ти ги врати парите, ако си му дал.
Пред избори си, Венко бре, биди муж, крени ја раката гордо и високо и нацртај ни ги тие твои линии!
Ако смееш …
И ако се навистина црвени линии.
А јас мислам дека сепак се само – червени.