ЦЕНТАРЦИ ГО ОЖИВЕАЈА ДУХОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ Одбележан роденденот на познатиот драмски автор

Настанот опфати читање избрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музички сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, пантомима на Дарко Вељиќ, настап на групата „Аудио Скопје“, живи статуи и учество на пријатели и колеги од театарот.

664

Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настан „Горан е тука“ по повод 73 години од раѓањето на познатиот драмски автор.

На местото каде што во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски се собраа да му оддадат почит.






Кај спомен-клупата посветена на уметникот се одржаа уметнички изведби кои потсетија на делото на Стефановски и на неговата трајна вредност за македонската култура.

Настанот опфати читање избрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музички сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, пантомима на Дарко Вељиќ, настап на групата „Аудио Скопје“, живи статуи и учество на пријатели и колеги од театарот.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека „Горан не беше само писател – тој беше совеста на едно време“ и дека „со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина“.

– Горан не е само спомен, тој е присуство. Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање – истакна Герасимовски.

Настанот беше во организација на Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со поддршка од Општина Центар.

Горан Стефановски е роден на денешен ден во 1952 година во Битола. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Обединето Кралство.

Поврзани содржини