ЦЕНТАРЦИ ГЛАСАА ЗА РЕЗУЛТАТИ, НЕ ЗА ПОЛИТИКА Герасимовски најави победа во вториот круг
Герасимовски посочи дека на изборите добил околу 2.500 гласа повеќе од советничката листа на СДСМ, што според него потврдува дека граѓаните ја разликуваат локалната работа од партиската политика.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, изрази уверување дека ќе победи во вториот круг од локалните избори, истакнувајќи дека граѓаните гласале за неговиот личен ангажман и резултатите од изминатите четири години, а не според партиска припадност.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТВ, Герасимовски нагласи дека поддршката што ја добил во првиот круг е доказ дека жителите на Центар ја препознале неговата работа и посветеност на општината.
– Центарци знаат да проценат и да го изберат најдоброто. Тие гласаа за личност, не за политика. Мене ми е чест што ја вреднуваат нашата заедничка работа и постигнатите резултати – изјави Герасимовски.
Тој посочи дека на изборите добил околу 2.500 гласа повеќе од советничката листа на СДСМ, што според него потврдува дека граѓаните ја разликуваат локалната работа од партиската политика.
– Граѓаните ја тргаат политиката настрана кога станува збор за локалната самоуправа. Тие ја препознаа одговорната работа на градоначалникот кој четири години работеше за нив, а не за политички интереси – рече тој.
Герасимовски додаде дека лично им честитал на двете кандидатки кои не влегоа во вториот круг, нагласувајќи дека не разговарале за политички договори, туку за програмите и идеите што тие ги понудиле.
– Сметам дека нивните предлози може да се вклучат во нашата програма за следниот мандат. Очекувам поголем дел од нивните гласачи да ни ја дадат поддршката – изјави Герасимовски.
Во однос на изборниот процес, тој спомена дека имало околу 1.500 неважечки ливчиња, што е повеќе од претходните избори, и најави анализа на причините.
– Можно е дел од грешките да се направени ненамерно, а дел од граѓаните свесно го поништиле ливчето како израз на револт. Анализата ќе покаже точна слика – додаде кандидатот.
Герасимовски порача дека во следните четири години ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, со фокус на реални проекти и подобрување на условите за живот во општината.