ЦЕНТАР ЗА СОРТИРАЊЕ И ЗА СКЛАДИРАЊЕ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО СТРУМИЦА Капитални проекти и модернизација на земјоделството

Резултатите се јасни и видливи, од проекти што со години стоеле во место, денес имаме активни градилишта, нови инвестиции, модернизација и институции што работат во интерес на граѓаните, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Јулија Тушевска.

2

ВМРО-ДПМНЕ инвестира во иднината на македонското земјоделство, преку реализација на капитални проекти, модернизација и силни институции, рече денеска пратеничката Јулија Тушевска.

– Покрај стабилизацијата на секторот, во изминатите 2 години силен фокус ставивме на капиталните инвестиции, модернизацијата и изградбата на функционални институции. Затекнавме нереализирани кредити и проекти што со години стоеја во место, кредитот од германската банка KfW, вреден 80 милиони евра, 5 години не бил реализиран, а државата плаќала милионски пенали, додека кредитот од Светската банка за модернизација на земјоделството, имаше реализација помала од 10 проценти. Денес состојбата е целосно променета и посветено се работи на модернизација на земјоделството. За логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје веќе е завршена постапката за избор на изведувач – рече Тушевска.






Центарот ќе биде изграден до крајот на 2027 година, додаде таа, а во Струмица се подготвува изградбата на современ центар за сортирање и за складирање на земјоделски производи.

– Паралелно, се воспоставува интегриран дигитален систем за управување со земјоделското земјиште. Во делот на државното земјоделско земјиште се склучени повеќе од 2.100 договори за околу 6.000 хектари, а ослободени се дополнителни 2.000 хектари кои во најскоро време ќе им бидат ставени на располагање на земјоделците – рече Тушевска.

Во водостопанството, посочи, обезбедивме финансиска стабилност, инвестиции и забрзана реализација на капиталните проекти, за што во 2025 година е доделена финансиска поддршка од 132 милиони денари.

– По цели 6 децении се исчисти езерото Младост. Површините под наводнување се зголемени од околу 14.000 на 17.700 хектари. Откочени се проектите за браните Конско и Речани, хидросистемот Равен-Речица, системите за наводнување Колибари, Сарај и Турија, проектот Злетовица. Обезбедени се и европски средства за нови системи во Сопот и во Новаци, додека проектите за системите за наводнување Страиште и Пепелиште веќе се во активна фаза, со избрани постапки и подготовка за изградба – рече пратеничката.

Во делот на шумарството, од претпријатие кое работеше со загуба и со неисплатени плати, денес има профит од 10 милиони денари и нов дигитален систем за следење на шумските ресурси, што значително ја подобрува контролата и транспарентноста, посочи таа.

– Во ловството се склучени 71 нов договор за концесија на ловишта. Во рибарството по долг застој повторно е реализирано порибување на Охридското Езеро со околу еден милион единки охридска пастрмка. Паралелно се работеше и на законските реформи, при што се подготвени новите закони за земјоделско земјиште, земјоделство и рурален развој, уредување на пазарите и шумите, како и воспоставување револвинг фонд за откуп на земјоделски производи. Резултатите се јасни и видливи, од проекти што со години стоеле во место, денес имаме активни градилишта, нови инвестиции, модернизација и институции што работат во интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со политики што носат развој, инвестиции и силно македонско земјоделство – рече пратеничката Јулија Тушевска.

Поврзани содржини