ЦЕНТАР НА ВРВНА МЕДИЦИНА ВО ЗЕМЈАВА Д-р Кафтанџиев најави нови интервенции што ќе ги нуди Клиничката болница „Аџибадем Систина“
Одредени медицински процедури се изведуваат само во „Аџибадем Систина“ и пациентите не мора да се испраќаат за лекување надвор од земјава, што претставува придонес на Болницата за државата и за нејзиниот здравствен систем.
Првата „хибридна“ ангиографска сала во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се очекува да биде ставена во функција во новата 2023 година и таа ќе биде единствена од тој тип во земјава и во регионот. Во неа ќе може да се изведуваат најсложени васкуларни интервенции на различни крвни садови, вели во интервју за „Фактор“ новиот медицински директор на болницата, проф. д-р Игор Кафтанџиев.
Оваа сала ќе се користи за неврохируршки интервенции, но и за разни други интервенции во спиналната хирургија.
– Ако со една реченица може да се опише Клиничката болница „Аџибадем Систина“, можам да истакнам дека таа денес претставува современа медицинска институција на европско ниво која нуди широка палета на медицински услуги, почнувајќи од најсовремени дијагностички процедури сѐ до соодветен терапевтски третман кој се изведува од стручен и посветен медицински кадар и со право може да се истакне дека денес претставува медицински бренд во земјата – вели Кафтанџиев.
„Аџибадем Систина“ е приватна здравствена болница, која е дел од групацијата „Аџибадем“ од Турција. Квалитетот на медицинските услуги што се добиваат во болницата постојано се проверува и се докажува преку исполнување меѓународни стандарди, како што се ИСО (MKC EN ISO 15189:2013) за дијагностичките лаборатории и претстојната реакредитација на болницата според ЈСИ (Joint Commission International).
Одредени медицински процедури се изведуваат само во „Аџибадем Систина“ и пациентите не мора да се испраќаат за лекување надвор од земјава, што претставува придонес на Болницата за државата и за нејзиниот здравствен систем.
Болницата наскоро планира проширување на дејноста на интервентната радиологија, воведување минимално-инвазивни васкуларни и неваскуларни интервентни процедури.
– Тоа ќе се овозможи со употреба на софистициран ангиографски апарат со кој ќе се овозможи изведување комплексни васкуларни интервенции, како што се стентирање на крвни садови, емболизации на тумори, емболизации на аневризми во мозокот и други делови од телото, апликација на најсовремени уреди на крвните садови во мозокот. Овој апарат ќе овозможи и надополнување на веќе постојниот дијапазон на интервентни кардиолошки процедури. Интервенции од областа на интервентната онкологија, како што се хемоемболизација и радиофреквентна и микробранова аблација на тумори, веќе започнаа да се изведуваат со одличен успех, а криоаблацијата и иреверзибилната електропорација се очекува да започнат да се практикуваат во текот на следната година – објаснува Кафатнџиев.
Тој најавува и поширока соработка со високообразовните институции во земјава и во странство, за да се изгради систем во кој болницата ќе го пронајде своето место и ќе придонесе за едукација на млади доктори.
– Акцент во иднина ќе треба да се стави на презентирање на сето она што денес се работи во болницата, а користејќи го досегашното искуство, да се направи негова стручна презентација, со можност за активно учество на семинари, симпозиуми и конгреси, како и објавување трудови во медицински списанија. Со тоа и на стручната јавност од различните медицински области ќе ѝ се покаже нивото на медицинските услуги во болницата, што истовремено ќе значи и професионална промоција на болницата, но и препознатливост како центар на врвна медицина во државата и надвор од неа – додава медицинскиот директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Игор Кафтанџиев.