ЦЕЛИОТ СВЕТ ГО ПОДДРЖУВА ДЕМОКРАТСКИ ИЗБРАНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БРАЗИЛ И Белата куќа ги осуди приврзаниците на Болсонаро
Светските лидери енергично го осудија упадот на приврзаниците на Болсонаро во државните институции, барајќи да се смени на новиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.
„Бразилската влада ја има нашата целосна поддршка во соочувањето со овој кукавички и грд напад врз демократијата“, рече Габриел Бориц, претседател на Чиле.
„Целата моја солидарност е со Лула и со народот на Бразил. Фашизмот реши да изврши државен удар. Организација на американските држави мора итно да се состане ако сака да продолжи да постои како институција“, рече колумбискиот претседател Густаво Петро.
„Мојата поддршка за претседателот Лула и за слободните и демократски избрани институции на бразилскиот народ. Категорично го осудуваме нападот на бразилскиот Конгрес и повикуваме на итно враќање на демократската нормалност“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.
„По настаните во Бразил, ја изразуваме целосната поддршка на Мексико за народно избраната администрација на претседателот Лула. Го отфрламе секој обид против демократските институции“, вели министерот за надворешни работи на Мексико, Марсело Ебрард.
„Ја изразуваме нашата солидарност со Лула и го креваме гласот во одбрана на бразилската демократија“, изјави Сантијаго Кафиеро, министер за надворешни работи на Аргентина.
„Еквадор ги осудува настаните против институциите во Бразил и ја повторува својата неограничена поддршка за демократијата и легитимно избраната влада“, соопшти Министерството за надворешни работи на Еквадор.
Се огласи и претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој му даде целосна поддршка на претседателот Лула.
„Мора безусловно да се почитуваат демократските институции, како и волјата на бразилскиот народ“, рече Макрон.
„Апсолутно ги осудувам нападите врз демократските институции во Бразил. Целосна поддршка за претседателот Лула, кој беше демократски избран од милиони Бразилци преку фер и слободни избори“, рече Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ.
Белата куќа, исто така, објави дека го осудува насилството во Бразилија. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, го осуди насилството извршено од приврзаниците на Болсонаро откако тие упаднаа во неколку згради на федералната влада.
„САД го осудуваат секој обид за поткопување на демократијата во Бразил. Претседателот Бајден внимателно ја следи ситуацијата и нашата поддршка за демократските институции во Бразил е непоколеблива. Бразилската демократија нема да биде потресена од насилство“, напиша Саливан на Твитер.
Портпаролот на Советот за национална безбедност рече дека Бајден е свесен за ситуацијата и дека ќе продолжи да добива брифинзи. Се огласи и американскиот државен секретар Антони Блинкен, со изјава дека САД повикуваат на итен прекин на насилството.
„Ги осудуваме денешните напади врз бразилското претседателство, на Конгресот и на Врховниот суд. Употребата на насилство за напад врз демократските институции е секогаш неприфатлива. Ние му се придружуваме на Лула во повикот за итен прекин на ова“, напиша Блинкен на Твитер.