ЦЕЛИ 5 ГОДИНИ БЕЗБЕДНОСНИТЕ СЛУЖБИ ГО ПРИСЛУШУВАЛЕ МИЦКОСКИ Заев и Филипче ја користеле службата како партиска алатка, обвини ВМРО-ДПМНЕ
Цели пет години, службите биле користени за да се одржат на власт Зоран Заев и Венко Филипче и кликата околу нив, наместо за безбедноста на државата и граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Во СДСМ не бирале средства и методи за да останат на власт колку што можат подолго. Злоупотребувале институции, државни средства и цел безбедносно разузнавачки апарат, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Со цел одржување на власт СДСМ ги ставиле во партиска функција за политички цели безбедносните служби да следат и прислушкуваат политички противници, бизнисмени, новинари и јавни личности. Како тогаш најголема опозициска партија, СДСМ со помош на нивните кадри поставени во агенциите за разузнавање и за безбедност, пет години го следеле и прислушкувале претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тоа го правеле со единствена цел политичка елиминација на Мицкоски, како единствен којшто може да им се спротивстави и да ги победи на избори, нешто што ѝ се случи и покрај недемократските, да не речеме тоталитарни, мерки. Со следењата и прислушкувањата сакале да го запрат нивниот пад од власт и да го придушат и замолчат секој слободен и кон нив критичен глас на новинарите и јавните личности, како и да уценуваат стопанственици. Во периодот од 2019 до 2024 година, СДСМ владееле со злоупотреба на службите како да се партиска алатка за останување на власт. Трагично е да се гледаат СДСМ, кои од уста не ја вадеа демократијата, како ги злоупотребувале службите и со најнедемократските методи ги ограничувале правата на слободно движење и изразување на граѓаните загарантирани со Устав и закон“, се вели во соопштението.
Цели пет години, службите биле користени за да се одржат на власт Зоран Заев и Венко Филипче и кликата околу нив, наместо за безбедноста на државата и граѓаните, наведено е таму.
„Уште потрагично е тоа што за сето ова, асистенција им правел сегашниот главен обвинител Коцевски, кој бил одговорен за следење на издавањето на ПИ мерките, кој е главната алка во синџирот на СДСМ за следење и прислушкување на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени. Тоа е истиот тој Коцевски кого СДСМ толку силно го бранеа во Собрание за време на гласањето на интерпелацијата против него, а веќе се гледа зошто го бранеа и не гласаа за негово разрешување. Бараме и очекуваме ЈО да се надмине себеси и за овој скандал од невидени размери да отвори сеопфатна истрага која ќе ги опфати сите кои ги злоупотребиле институциите и ќе ги извади пред лицето на правдата“, информираше ВМРО-ДПМНЕ.