Царовска: Протестот е уставно загарантирано право, но промените мора да почнат
Министерката рече дека промените воопшто не се избрзани, туку напротив, доцниме со имплементацијата и не смееме повеќе да одложуваме.
Најавените протести и иницијатива за референдум за образовните реформи се уставно загарантирано право, но реформата ќе продолжи со цел во фокусот на образованието да се стави ученикот и неговите потреби, затоа што таа не само што не е избрзана, туку можеби и задоцнета, а резултатите од новата образовна концепција, треба да ги очекуваме по пет – шест години.
Ова е одговорот на министерката за образование и наука Мила Царовска на новинарското прашање при посетата на ОУ „11 Октомври“ во Центар, во врска со најавите на групата „Учебници и настава мора да има“ за протести во следните денови, поради промените кои треба да се случат во основното образование со почетокот на следната учебна година.
– Ние како МОН имавме средба со групата и им одговоривме на нивните барања, кои главно се однесуваат на тоа да се исклучи родовата еднаквост од образовниот систем. За тоа има закони кои се поминати во Собранието и гласани од сите политички партии, што значи дека има консензус за почитување на родовата рамноправност, што е и уставно загарантирано право и треба да биде дел од образовниот систем. Државата има ратификувано и многу конвенции и има обврска да се придржува и да рапортира кон нив. Сметам дека одговорите што ги добија во иницијативата ќе ги разгледаат и ќе расправаат по нив – рече Царовска.
Министерката рече дека промените воопшто не се избрзани, туку напротив, доцниме со имплементацијата и не смееме повеќе да одложуваме.
– Ако сме го направеле тоа пред 10 години немаше денеска да бидеме ниско на меѓународните тестирања кои покажуваат, не дека нашите деца не можат да научат, туку оти системот на кој ние ги учиме не е соодветен, затоа што меѓународните тестирања бараат поврзување на знаењата од различни научни дисциплини и доаѓање до одреден заклучок. Нашите ученици, жално, но вистинито, не се подготвени за ваков тип на соочување со предизвиците што ги носи новото време. Концепцијата ќе почне да се спроведува и очекуваме да даде резултати по пет шест години – нагласи Царовска.