БУКИНГ ИМАТ, АМА КРЕВЕТ НЕМАТ Приватните издавачи ја користат навалицата од туристи да ќарат и на туѓа мака

Не само во Охрид, туку и насекаде на Балканот може да ви се случи непријатна ситуација - сте резервирале преку booking.com, aа вашата соба веќе е издадена на некој што платил повеќе.

2,643

Резервирале приватен објект во Охрид за одмор преку booking.com, а кога стигнале таму – непријатно се изненадиле. Објектот веќе бил издаден на други туристи. Кога побарале објаснување, им било речено дека другите платиле повисока цена.

Појавата, велат туристички работници, е стандард, не само за туристичките градови во земјава, туку и во опкружувањето. Ваква непријатност може да ви се случи и во Хрватска, Албанија, Црна Гора, па и во Грција, иако таму веројатноста е помала.






Но и покрај ваквите појави, Охрид во овој период е полн со домашни и странски гости, како и со гости од дијаспората, кои лани, поради коронакризата, не дојдоа во татковината. Концерти, свадби и ноќен живот има на претек, но сето тоа нема да влијае на крајниот исход од туристичката година.

Граѓаните коментираат дека и Букинг веќе не е Букинг, кога оние кои прикачиле објекти за сместување се несериозни и нема кој да ги контролира и санкционира.

– Се научивме агенциите едно да ни нудат, а друго да видиме кога ќе стасаме во хотелот, во кој треба да се одмораме, но со букинг немало ваква несериозност. Најверојатно ќе треба да ги сменат стандардите или да направат систем за контрола на сопствениците на собите кои ги издаваат. Вака не само тие, туку и земјите каде што преку оваа страница се резервира стануваат несериозни дестинации – вели скопјанец кој имал непријатност со резервација во Црна Гора.

Појавата на двојни резервации е актуелна во повеќе земји, велат туристички работници. Најчесто се случува кај приватните сместувања, бидејќи водени од заработката, одредени сопственици ги издаваат и веќе резервираните соби на други туристи за повисока цена. Појавата е актуелна и во Хрватска, Албанија, Црна Гора и во Грција.

– Тоа е одраз на менталитетот, најверојатно. Кога турист ќе дојде на врата и ќе побара соба, сопствениот не размислува за тоа дека веќе ја резервирал, туку едноставно го користат моментот и бараат повисока цена и ја издава. Не размислува долгорочно,  дека следната година може и да нема туристи во неговите објекти. Мисли само на моменталната  заработка. Вакви појави, главно кај приватното сместување, има скоро во сите туристички земји, но ако сакаме да изградиме имиџ на сериозна туристичка дестинација, тоа не треба да се толерира. Дури треба да се санкционира, зашто им штети на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со туризам – вели Олег Маленко од охридската туристичка агенција „Вис-пој“.

Според него, и за агенциите е ризик да соработуваат со вакви сопственици на објекти за приватно сместување, иако меѓу нив има сериозни кои сакаат да изградат имиџ на сигурни партнери.

Хотелиерите, пак, кои соработуваат со Букинг велат дека страницата има сет мерки кои ги спроведува за сигурност на резервацијата.

– На туристите кои резервираат преку booking.com им се даваат гаранции за резервацијата, а ако се случат појави на двојно резервирање на соби, апартмани, хотели, се блокираат издавачите. Тоа функционира, но има и отстапувања поради кои се воведени и овие мерки – вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажески.

Тој не негира дека ваква појава има кај приватното сместување, но и кај одделни хотели.

– Во изминатиот период имаше навалица од домашни и гости од дијаспората, па можно е некој и да сакал да ја искористи состојбата за да заработи повеќе. Сепак, ние немаме членови од приватните сместувачки објекти и не би можел да коментирам што се случува кај приватното сместување. Хотелите мора да размислуваат подолгорочно за својата состојба и за гостите – вели Блажески.

Навалицата од туристи во Охрид во јули и август, поврзана со празниците, престојот на иселениците, како и свадбите и концертите кои се организираат, сепак, нема да ја поправи состојбата во туризмот за годинава, па туристичките работници очекуваат владата да ги помогне.

– Ние немаме дополнителни капацитети кои во исто време ќе ги прифатат и странските и домашните туристи кои беа во поголем број во јули и на почетокот на август. Странците ги распоредуваме од мај до октомври, а домашните се доминантни во летните месеци. Сепак, овие бројки, кои се повисоки во однос на лани, нема да ја подобрат состојбата, ако од септември имаме нови поригорозни мерки и ако се забранат семинарите и другите активности кои вообичаено ги организираме до крајот на годината. Значи, дали ќе бидеме на ланското ниво или подобри, зависи од мерките кои ќе бидат донесени во септември – вели тој.

И туристичките агенции не можат да кажат каква година ќе биде 2021 за туризмот.

– Ситуацијата е променлива од ден на ден и многу неблагодарно е да се каже каква година ќе имаме. Да се надеваме дека август ќе биде подобар од јули, а септември подобар од август. Но, неизвесноста е актуелна, а резултатите постигнати сега може да се стопат до крајот на годината.  Досега имаме зголемување за 30 отсто во однос на лани, но тоа не значи дека состојбата во туризмот е добра, бидејќи лани агенциите беа на нула – вели Маленко.

И агенциите и хотелиерите се надеваат дека владата ќе изнајде начини да им помогне, зависно од состојбата поврзана со коронакризата.

Поврзани содржини