Бугарскиот скандал со грдо лице

Без каква и да е намера да поставувам некакви „дијагнози“ за источниот сосед, но сепак, на крајот, навистина станува збор за тотално губење не само на политичкиот компас, туку и на сите привилегии на современата цивилизација, основниот бон-тон на соработката, за непостоење на нормална комуникација и одбивање да се говори со силата на аргументите. Политичкиот неморал го заменува добрососедството, историската алчност просветленоста, а примитивизмот културата.    

1,358

Просто е неверојатно, до апсурд, како една категорија луѓе овде уживаат во „бугарскиот скандал“ во којшто е понижена не претседателката на државата и другите македонски функционери кои биле на гостувањето на Националната опера и балет во Софија туку – целата држава. Уште помалку е понижена политичката партија чии членови односно претставници се спомнатите туку се понижени сите македонски политички партии. Сите до една, а особено онаа провинциска врхушка на сектата викана сдсм од кадешто надриполитичарот кој глуми лекар дели некакви небулозни лекции и божем го зема во заштита граѓанинот мислејќи дека не се сеќава дека сето ова што им се случува на македонските граѓани е директен производ токму на таа секта. Сосе него во неа, и неговиот „ментор“!

И целиот тој мочуришен жабји хор крекајќи заборава дека не е работата во тоа дали другите нѐ почитуваат туку поентата секогаш е во тоа дали ние се почитуваме себеси и државата во којашто живееме. Или таа држава е нивна држава само кога со неа владее нивниот башибозук односно оние и онакви тезгари и пиперкари, надриполитичари и подопашни интелектуалци, тендер-коалиции и улични криминалци? Ама другиве не се нивни без оглед што легитимно ја претставуваат (и) нивната држава? Или тие попрво би го вратиле оној кој се удираше во градите и нѐ лажеше долж и попреку? Сосе неговата балканска тезга за распродажба на земјата? За да потпише уште некој „договор за непријателство“ кадешто ќе ја допоплука и допонижи сопствената држава? Или таа навистина не е баш – негова земја?!






Затоа и не е (пре)многу важно кој и колку „има право“ во бугарскиот скандал: неискуството на новата македонска власт (што, патем, не е ама баш никакво оправдување!), или политичкиот превид дека одите во земја во којашто владее „продолжен политички ковид“ (Крастев) и сѐ, ама баш сѐ, е дозволено, па дури и понижување на високи претставници на соседна држава, независно дали доаѓаат во официјална или неофицијална посета. Тоа пак што разноразни бугарски шутраци во својство на некакви претседателски советници цинично ја поистоветуваат посетата на македонската претседателка на договорено гостување на македонска културна институција со некакво пиење кафе е сосема друга работа. И уште еден знак на нивото на политичкиот (не)морал и (не)пристојност што владеат таму. Но дека на истата линија со таквиот приод ќе бидат и дел од македонските медиуми, „експерти“ и портали е – поразителен факт. Уште малку па и овации да слушнеме за бугарското скандалозно однесување на највисоко државно ниво!

Но, наместо нив, ќе го слушате односно читате она итро селско „историчарче“ – попрво „историкант“ – викано Ангел Димитров, кој ќе биде поштарот на Радев и ќе го пренесе вистинското значење на неговите постапки и зборови. А некои македонски портали ќе изигруваат негово поштенско сандаче. Што и не е лошо, зашто, по којзнае кој пат, македонската јавност ќе види кој каде е, што промовира односно кои „политики“ ги поткрепува, давајќи му таква гласност на еден страотно безобразен бугарски националист во функција на портпарол на бугарската држава.

Па следствено, „и да дува и да вее и бура да коси“ Димитров поштата на Радев (ќе) ја носи, во којашто децидно стои што и како треба да прави македонската претседателка во однос на промените на Уставот, што и како ние веќе сме прифатиле со фамозниот „француски предлог“, што пак новата влада го доведува во прашање, а со тоа „не само билатералните односи и сите договори потпишани меѓу нашите две земји, туку и она што го очекува ЕУ кон која тие се стремат“. Па ќе лепи квалификации за несериозни политичари со „неособено богато политичко искуство“, кои „се всушност дебитанти како носители на извршната власт во РСМ“, кои мислат „дека можат да наметнат свои правила не само за соседите во разговорите, туку и за Европската Унија“ итн., итн.

За, на крајот, историкантот и политикант Димитров, по којзнае кој пат, да дојде до клучните поенти со коишто повторно ќе ги демонстрира отворените бугарски апетити за некаква друга „политичка и демографска реалност“ во Македонија (sic!), но и примитивното негирање на фактите за „историската основа“ за постоењето на „групни малцинства“ – меѓу нив и македонското – во Бугарија.

И на тие и такви конструкции некои шутраци овде „се палат“ и уживаат!

И, се разбира, на такви неуки поштари е илузорно да им ги повторувате токму бугарските документи од пописите во нивната земја по 1945-та година зашто тие, едноставно, онака слепи и глуви, тоа не сакаат да го прифатат. Нивната реалност е толку болно искривена и примитивна, оддалечена од секаква култура и цивилизираност, што не прифаќа ништо вон тој нивен грдо алчен светоглед. Токму затоа ние, очигледно е одамна, немаме што таму да бараме. Како да не сакаме да разбереме – а и македонската политика конечно мора нешто да разбере – дека (како што вели Адорно) овде станува збор за отсуство на култура, за тотално предавство на неопходноста од просветленост рефлектирана во хуманизам. Токму според рецептот на Адорно, „Она за што овде станува збор не е конзервација на минатото туку исполнување на минатите надежи. Денес минатото продолжува како деструкција на минатото“!

Без каква и да е намера да поставувам некакви „дијагнози“ за источниот сосед, но сепак, на крајот, навистина станува збор за тотално губење не само на политичкиот компас, туку и на сите привилегии на современата цивилизација, основниот бон-тон на соработката, за непостоење на нормална комуникација и одбивање да се говори со силата на аргументите. Политичкиот неморал го заменува добрососедството, историската алчност просветленоста, а примитивизмот културата.

И можеби овде на место би било прашањето: знаејќи го сето ова, што баравме ние во Софија? Што пак повторно нѐ носи и до онаа т.н. Историска комисија, каде суверен владетел на бугарската „добрососедска“ доктрина е политикантот Димитров во улога на историчар и прашањето: навистина ли нешто очекуваме од таа Комисија? Или повторно ќе влетуваме во неговите шепи со истиот наивен став на „академикот“ Ѓорѓиев дека таму се разговара за историја а не за политика?

Но, повторно, а потсетувајќи на ставот на Дејвис (Kingsley Davis) дека културата е единствениот вистински фактор што ја издвојува човечката заедница од сѐ друго на планетава, ако таа култура е „длабоко својство што се разгранува низ целиот човечки живот и е одговорно за сите негови уникатни квалитети“, тогаш нејзиното отсуство во човечката комуникација е – негов најголем пораз! И тој пораз го видовме во Софија. И неговото грдо лице ќе го гледаме и понатаму. Ако тоа некому не му е јасно, тогаш ништо не му е јасно!

Можеби ние наивно мислевме – и мислиме – дека новиот век носи навистина нешто ново, нешто што уште Јунг го идентификувал со „καιρóς“ односно вистинско време за „метаморфоза на боговите“, дека многу нешта ќе се сменат односно ќе се менуваат…, па и соседите, Европа и светот. Ништо од тоа не се случува, „боговите“ на лажната моќ и неморалот од минатото уште живеат во сегашноста, со истата непроменета историја, онаа мрачната, лошата, некултурната.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини