Бугарски скандал, втор чин: конфабулација

И бугарскиот скандал и „случајот Николоски“ уште еднаш ја потврдуваат тезата дека Македонија мора да го заврши „источниот проблем“ на најкултурен начин. А тој е – официјално да го игнорира, да одбегнува секакво спомнување на соседот и неговите политикантски еквилибристики во јавноста и да инсистира исклучиво на реалции со ЕУ!

2,679

Не мислам дека вицепремиерот Николоски треба да поднесе оставка како што бара званичната политика на источниот сосед. Ако некаде треба да паднат оставки апропо скандалот во Софија тоа е токму од нивната страна од границата, а заради сите оние нешта што експлицитно ги изрекол вицепремиерот. И коишто се прилично „тврди“, да не речам недипломатски. Но се неспоредливо „помеки“ и покултурни не само од постапките на Радев и неговиот кабинет, на коишто сега се надоврзуваат уште едно чудо званичници со единствен повик: држ’те го крадецот! А крадецот како историско сениште мирно спие во кулоарите на нивните црни политики!

И сега ние можеме да расправаме долго и широко за постапката на Николоски, што секако ќе биде главен шлагворт на локалнава секта за викендов, но сето тоа би било бесполезно, непотребно, глупаво… кога ќе споредите што сѐ видовме и слушнавме последнава деценија од највисоките претставници на Бугарија. И згора на сето тоа, тие овде бараат оставки и извинувања. Или можеби сакаат да кажат дека постапките на кабинетот на нивниот претседател се дипломатски, културни, цивилизирани…? Или пак забораваат – или „забораваат“ – што сѐ низ годиниве изрекоа на сметка на Македонија, македонскиот народ, идентитет, за македонскиот јазик и историја… и др.?!






Но науката и за тоа има објаснување: тоа во психологијата и невропсихијатријата се нарекува конфабулација односно мемориска грешка којашто произведува измислени, фабрикувани, искривени и погрешно интерпретирани сеќавања за себеси и/или за светот. Распонот на конфабулирањето кај луѓето со ова пореметување се движи од мали, ситни односно незначителни грешки до надреални конструкции и можат да предизвикаат сериозни конфузии во сеќавањата. А секако и во односите со другите, на што сведочиме деновиве. И, генерално, таквите луѓе се многу сигурни во тие нивни „сеќавања“, дури и кога им се презентирани спротивставени аргументи. Како во нашиот случај.

И сега, јас навистина не би сакал подлабоко да го дијагностицирам степенот на ова пореметување во меморијата на источниот сосед за да не побараат и моја оставка, но сепак е загрижувачки што тие создаваат фабрикации и за случки од пред само неколку дена. Можете да замислите како тие ги „гледаат“ настаните од пред неколку години!? А векови?!

Секако, а врз основа на претходното, ние сега би можеле да правиме наши конструкции, или конфабулации, за сето она што се случуваше низ годиниве и деценииве – особено по 1992 година – и демонстрираното отворено непочитување, негирање, понижување на Македонија и македонскиот народ (се обидувам да не го употребам зборот омраза!) да го припишеме на ова пореметување. Но тоа би било премногу лесно и на политикантите на источниот сосед би им дало алиби за постапките.

Зашто, на секоја наша идна забелешка за нивно исто или слично однесување како она неодамнешно понижување на македонската („неофицијална“!) делегација, тие ќе се „вадат“ на медицински дијагнози. А таму, сепак, станува збор за нешто сосема друго. Или, ако сакате, за проблеми (и) од друг тип. Или формат.

Зашто, ние можеме за конфабулација да ги „обвинуваме“ Борисов и Радев, или оној Каракачанов, па и сметководителот Главчев, на пример, кои имаат сериозни причини да „забораваат“ нешта од нивното минато (но и сегашност), да прават секакви конструкции и да бараат сешто само да го свртат вниманието на јавноста од внатрешните проблеми во нивната држава, а на партнерите во ЕУ од вистинските извори на проблемите со Македонија. Меѓутоа кога ќе видите млади политичари како Митов, или оној Петков и редица други, кои немаат политикантски или идеолошки „опашки“ како претходните а сепак се устроени како под калап во нивните „разбирања“ на „македонското прашање“, тогаш изгледа нешто поголемо не е во ред.

Тогаш веќе станува збор за општа конфабулација, но, за жал, и за нешто подлабоко, нешто што се истражува на рамништето на колективни патологии. Постојат ли такви? Се разбира, дваесеттиот век е полн со такви, тие ги предизвикуваа двете Балкански војни, Првата и Втората светска војна, „студената војна“ итн. Спрема таквите патологии конфабулацијата изгледа како играчка за мали деца.

Тоа, за жал, е онаа патологија на масата за којашто Хана Арент пишува дека „режимот на Аденауер почувствува дека мора да го затскрие фактот дека Хитлер не бил помаган само од некои ’воени криминалци’ туку и од мнозинството од Германскиот народ (…)“. Не знам дали некој бугарски историчар – најмалку оној историкант Димитров – напишал нешто слично за бугарскиот фашизам во времето на Втората светска војна и неговата поддршка во масите, особено по прашањето на Македонија. Оваа моја дилема никако не треба да се разбере како неверување дека имало, и има, поединци кои се спротивставувале, и се спротивставуваат, кон ваквата бугарска политика. Впрочем, и Арент пишува за „мнозинството од Германскиот народ“ а не за целиот народ, нели.

Или, како што сметале и Фројд и Адорно, психичката структура на таквите патологии, како фашизмот на пример, оперираат низ формата на масовен нарцизам. Не знаеме, а впрочем и не е наша работа да ја истражуваме туѓата психопатологија. Имаме доволно и наши, домашни, локални, кои со сите сили се обидуваа(т) да нѐ убедат дека „(…) дневнополитичките профитирања со наводната загрозеност на македонскиот јазик се само ’деструктивна политичка пропаганда, којашто се базира/ше на силно форсирање на трагиката и патетиката и на моќните манипулативни средства’.“ И дека „голем дел од граѓаните се изманипулирани од тој наметнат имагинарен страв за исчезнување на македонскиот јазик“. Што ќе рече дека ни Договорот за добрососедство, ни „непостоечките“ протоколи, па ни „француската рамка“ и изјавите на тогашниот премиер и на група „мудреци“ се само „наводни“, „имагинарни“ и – непостоечки?

Ама сепак, ене ги, тука се! А тука се и последниве случувања со бугарскиот скандал. Или тие навистина ништо не „загрозуваат“ односно ние неуките и неписмените не умееме да ги читаме? Ако воопшто и умееме да читаме односно онакви научни советници треба да ни ги толкуваат нештата?

Ваквите, и многу други, зборови во јавниот простор сведочат за особено важни аспекти на македонското секојдневие. Но и за нашата патологија. А меѓу нив и за обидите катастрофалните политички потези со далекусежни историски импликации на бившата „прогресивна“ власт да се замаглат со познатите флоскули како деструктивна пропаганда, манипулација, трагика и патетика…, а крунскиот „доказ“ да биде фактот дека „и сега се преведуваат книги од македонски на бугарски јазик, и од бугарски на македонски јазик“ (sic!)! Ма немој! Или пак ние сме сериозно слепи внучиња на Самоил кои не можат да видат што навистина ни се случува односно дека грешиме кога мислиме дека оној Договор, оние протоколи, онаа „рамка“ и ова „однесување“ на бугарската политика – постојат?

Или, зошто оние локалнине „фактчекери“ кои постојано „анализираат“ секакви домашни глупости и ни ги сервираат како гоооолем проблем, не се позанимаваат со „речникот“ и конструкциите на бугарската политика? Особено во овој случај, при што Радев, на пример, има „право“ да ја проблематизира нашата „цивилизираност“ но Николоски не смее, кадешто Борисов има право да говори за наша „подлост“ но Николоски не смее да спомне нивна мизерност итн. Или таму не смеат да чепкаат „големиве“ македонски квазиинтелектуалци?

А бидејќи почнав, а еве и повторно го спомнувам вицепремиерот Николоски, сметам дека мора да се каже и следново: и бугарскиот скандал и „случајот Николоски“ уште еднаш ја потврдуваат тезата дека Македонија мора да го заврши „источниот проблем“ на најкултурен начин. А тој е – официјално да го игнорира, да одбегнува секакво спомнување на соседот и неговите политикантски еквилибристики во јавноста и да инсистира исклучиво на реалции со ЕУ! Сѐ до појавата на разумни, демократски профилирани политичари на другата страна на границата. Знам, тоа е можеби она што сегашна Софија го посакува, но оваа ужасна претстава мора да се запре и тоа сериозно да ѝ се предочи на Европа.

Тоа никако не значи прекин на секакви врски, па и културни – или „преведувањето книги“ (sic!) – но јавните, официјалните контакти мора да се сведат на нула за да се избегнат вакви скандали! И, паралелно, од компетентни поединци да се истражи, и објави, заднината на сите можни сценарија што циркулираат низ јавноста околу причините и последиците за ваквиот повампирен однос на Софија кон Македонија.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини