Бугарска фама со пасошите
Во истата година во Италија дури 4.966 македонски државјани добиле италијанско државјанство, 93 македонски државјани добиле хрватско државјанство, а во Австрија им се издадени државјанства на 313 македонски државјани, 206 во Шведска, 199 во Белгија, 80 во Франција и 850 во Германија.
На вкупно 100 македонски граѓани им биле издадени бугарски државјанства во 2019 година, според најновите статистички податоци на Евростат . Толкава е бројката на бугарски пасоши, ни поголема ни помала, што во текот на една година ги добиле Македонци, односно толкав е биланост што е регистриран во однос на напорите на Софија да им даде поддршка и да ги привлече кон себе македонските граѓани со „бугарска национална самосвест“.
Во однос на тврдењата за искажување на чувства и припадност кон бугарската нација меѓу населението во Македонија, бугарскиот државен врв сега крева фама околу 100.000 бугарски пасоши издадени на македонски државјани во последните дваесетина години, користејќи ги тие бројки како аргумент за заговарање на потребата од заштита и наводната дискриминација на бугарското национално малцинство во Македонија. Значи, малцинство кое Софија сака да го димензионира кај западниот сосед и на овој начин, преку штанцување и продавање бугарски пасоши.
Но искуствата всушност јасно зборуваат дека за Македонците добивањето на бугарски пасош во извесна смисла е навистина „грош сомун“, но едновремено не се мери и со „сто сомуна“ до Софија, бидејќи оттаму на македонските граѓани со бугарски патни исправи елегантно им се отвораат сите патишта кон – ЕУ.
Нема тука многу емоции и леење на солзи поради потиснатите национални чувства, или, како што вели Красимир Каракачанов, поради „фалсификување на историјата на Бугарија преку негување на чувство на омраза кон Бугарите“. Со оние 100 бугарски државјанства издадени на македонски граѓани во 2019 година, тешко може да се извади сериозен аргумент за да послужи како поткрепа на таквите негаторски толкувања.
Во истата година Евростат бележи дека на Македонците во Словенија им се издадени 192 државјанства. Многумина Македонци работат во ЕУ и со словенечки пасоши. Политиката на двојно државјанство овозможува движење на европскиот пазар на труд. Во истата година во Италија дури 4.966 македонски државјани добиле италијанско државјанство, 93 македонски државјани добиле хрватско државјанство, а во Австрија им се издадени државјанства на 313 македонски државјани, 206 во Шведска, 199 во Белгија, 80 во Франција и 850 во Германија.
Лесно може да се заклучи дека оние 100 бугарски пасоши, издадени на „дискриминираните македонски Бугари“, лесно се самлуваат и топат во поголемата европска слика во во чија рамка се бараат и егзистираат македонските граѓани. Двојните државјанства, впрочем, веќе не претставуваат никаков посебен проблем, не се бауч кој кружи во Европа. Норвешка, на пример, е една од последните европски држави кои долго време ја избегнуваа таквата практика, но од лани е усвоен закон со кој сега и во Норвешка се овозможува поседување на двојно државјанство.
Над 700.000 луѓе добиле државјанство во некоја ЕУ-членка во текот на 2019 година. Балканските земји, како и обично, се застапени со високи бројки во таа статистика. Албанија е втора на листата според бројноста на нејзини државјани кои во 2019 добиле државјанство во рамки на ЕУ – вкупно 41.703. Значи, само во текот на една година, во која и граѓани од други балкански земји во значајна мерка ја пополнуваат најновата статистика – 10.300 државјани на Србија добиле ЕУ-државјанства, како и 8.047 државјани на Косово и 7.148 македонски државјани. Оној што ќе се обиде ваквите бројки да ги толкува со некакви тези за потисната, или, пак, разбудена национална самосвест, и емоции, лесно ќе западне на терен кој води во беспаќе.
Затоа би било интересно бугарскиот премиеро Борисов малку повеќе да ги елаборира своите размислувања дека Бугарија и Македонија треба да се подготват за преговори „водени од разум, а не од емоции“. Имаат ли емоциите во Софија некаква врска со бугарската политика на издавање пасоши на македонски државјани, со цел тоа да се злоупотреби и да се „напумпа“ бројноста на бугарско малцинство во Македонија?
Емоциите настрана, вели Борисов, „за да можат нашите соседи да влезат во ЕУ“, а што, според него, е геостратешката цел на Бугарија. Но прашање како тие емоции се сфаќаат и пошироко, не само во Софија и Скопје. Идната недела во Европскиот парламент ќе се гласа за најновиот извештај за напредок на Европската комисија, врзано за извештајот на Комисијата за Северна Македонија 2019-2020.
Во извештајот се нагласува дека Европскиот парламент ја повторува своја целосна поддршка за засилена регионална соработка и воедно се апелира до сите страни да обезбедат целосно и доследно спроведување, со добри намери, на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи и двата се важен дел од билатерланите односи во регионот.
Европскиот парламент, како што се потенцира во споменатиот извештај, ги поттикнува партнерите да продолжат да се ангажираат на решавање на сите отворени билатерални прашања кои немаат посебно влијание врз процесот на пристапување кон ЕУ, и притоа да дејствуваат на конструктивен начин, воздржувајќи се од активности „што можат да ги поткопаат европските интеграции и пошироките интереси на ЕУ“.
Премиерот Заев повторно изрази уверување дека Борисов ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение меѓу двете земји, ако биде избран за премиер на претстојните избори во Бугариија во април. А токму во таа смисла често се повторува, како и во најновиот извештај на Европскиот параламент, дека основната идеја на Европската унија е да ги надмине регионалните спорови и тешкото минато, „со цел да работиме на подобра, мирна иднина и да напредуваме заедно“.
На Бојко Борисов е сега да покаже дека зад неговата порака да се разговара со разум, а не со емоции, навистина не се кријат само празни зборови. Дека не се кријат активности кои ги подриваат интересите на Унијата. Но во балканскиот котел, во кој секогаш на мошне висока температура зовриваат предизборните кампањи, зборовите, за жал, често горат во неконтролираните и воспалени – емотивни изливи.