Бугарите во Устав, Македонците во илегала
Треба да се откажеме од самите себе, од историјата и јазикот затоа што некои не можат да се соочат со својата историја?
Од последните случувања на релација Скопје-Софија се добива впечаток дека во бугарскиот речник не постои зборот добрососедство ниту пријателство. Или барем се однесуваат како да не ги знаат. Додека нашите власти погрешно го сфатиле зборот компромис.
Од бугарска страна се нуди Бугарите да ги запишеме во Уставот, а за возврат на тоа во Бугарија да не се ни дискутира темата за македонското малцинство. Мегаломански предлог на Бугарија, не е спорно дека можат да го понудат, спорен е молкот на нашите власти кои молкум го прифаќаат ова.
Претседателот Пендаровски оствари средба со Македонците во Бугарија, организирани во неколку здруженија кои не се регистрирани, затоа што Бугарија одбива да ги регистрира. Соопштението за средбата, вешто формулирано да не се налутат нашите пријатели од исток, споменуваше секакви јазични вратоломии освен она основното – Македонци од Бугарија. За тоа време во Македонија, некој дозволил регистрација на такво друштво, постои културен центар на Бугарите кој го носи името на Ванчо Михајлов, соработник на фашистите. Здружението како такво не е спорно – за разлика од Бугарија во Македонија се почитуваат малцинските права, спорно е името кое дозволува величење на фашистички соработници. Сепак, можеби тоа им е останато во традицијата на Бугарите, не се поминати ни 80 години од окупацијата на Македонија, а има и уште живи сведоци на нивните ѕверства.
Покрај ова бугарскиот премиер бара, а нашите власти со сигурност ќе му удоволат, да се ликвидира говорот на омраза кон Бугарија во Македонија. Интересна формулација на зборови, да се ликвидира, но сепак поважно е – што ќе сметаат Бугарите за говор на омраза? Се разбира дека говорот на омраза не носи ништо добро, но дефиницијата може да биде многу широка. Дали е говор на омраза историскиот факт дека Бугарија била во сојуз со нацистичка Германија? Дали учеството на Бугарија во Холокаустот во кој се истребени сите Евреи од Македонија е говор на омраза? Можеби е говор на омраза да се споменат македонските партизани кои ги завршиле животите во бугарските затвори после монструзони мачења? Дали споменот на жртвите од бугарската фашистичка окупација е говор на омраза? Непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија е можеби говор на љубов? Непризнавањето на македонската нација, јазик и историја е говор на пријателство? Треба да се откажеме од самите себе, од историјата и јазикот затоа што некои не можат да се соочат со својата историја?
Останува да видиме дали модерната медицина ќе успее да најде кичма кај некој од нашите функционери иако шансите за тоа се мали.