Бугарите ќе добијат статус на државотворен народ во нашиот Устав, а Еди Рама – гумени опинци со каивче!

Без хистерија, молам! Насловот е сарказам. Реално, до крајот на јуни, на релацијата Скопје-Софија-Брисел, нема да се случи нишчо особено. А би се осмелил да прогнозирам дека блокадата ќе потрае најмалку до крајот на оваа година.

6,370

Ама ич не ми е уверливо објаснувањето на албанскиот премиер Еди Рама, по бурните реакции од политичките партии и на социјалните мрежи во Македонија, на неговата „шега“ дека Димитар Ковачевски бил „идниот премиер на Западна Бугарија“.

Рама тврди дека со оваа шега ја исмевал „грдата блокада на Северна Македонија од страна на Бугарија“. И додава: „Не знаеш дали да се смееш или плачеш поради хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски“, напишал тој на Твитер.






Се разбира, не му верувам.

Глупавите Едиеви шеги и отсуството на елементарна култура не заслужуваат коментар. Го видовме тој простачки манир и за време на неговата посета на Скопје, кога шетајќи на Кејот, заедно со српскиот претседател Вучиќ, ги исмеваше домаќините Зоран Заев и Петре Шилегов.

Да бидам искрен, да бев на местото на Ковачевски, не би знаел и јас како да постапам. Веројатно и јас би се кљафтел како него. Човек напросто никогаш не е подготвен да се соочи со ваков изблик на непристојност и неизделканост

Мислам дека сега, пост фестум, при првата наредна средба, Ковачевски би можел на Еди Рама да му подари еден пар црни гумени опинци, од оние до глуждовите со каивче. Тоа е детаљ што очигледно недостасува во аутфитот на „генијалецот“ од Тирана, а би бил совршен израз на неговите манири.

Што се однесува до поважните работи на темата „Западна Бугарија“, работите одат во очекуваната насока. На лошо.

Политичкиот земјотрес во Софија, предизвикан со оставките на министрите на Слави Трифонов (вклучувајќи ја и важната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска), ја натера бугарската потпретседателка Илијана Јотова уште еднаш јасно и гласно да ја прецизира бугарската позиција во спорот – основен, иако не и единствен услов за повлекување на бугарското вето е Бугарите во Македонија да бидат запишани како државотворен народ во Уставот и тоа да се случи пред првата меѓувладина конференција.

Значи, Бугарите да бидат запишани во нашиот Устав, ама не било како, туку како – државотворен народ.

А това, обаче, не става!

Во Македонија не постои политичка волја, уште помалку двотретинско мнозинство во парламентот, Бугарите да добијат таков уставен статус. Сигурен сум дека тоа е премногу и за „идниот премиер на Западна Бугарија“ и за неговата партија СДСМ. Дури мислам дека со ваквото барање нема да се согласи и ДУИ, бидејќи малубројното бугарско малцинство ќе добие еднаков статус со Албанците, втората најголема етничка заедница во Македонија.

Без оглед дали бугарскиот премиер Кирил Петков ќе успее да ја спаси својата влада со купување пратеници „кастриоти“ од таборот на Трифонов, малку е веројатно дека ќе се осмели да дејствува спротивно на позициите на претседателот Румен Радев и на потпретседателката Јотова, кои , всушност, се еднакви на преговарачката позиција на Софија утврдена со консензус меѓу политичките партии во бугарскиот парламент.

Затоа, до крајот на јуни, на релацијата Скопје-Софија-Брисел, нема да се случи нишчо особено. А би се осмелил да прогнозирам дека блокадата ќе потрае најмалку до крајот на оваа година.

Макрон и Шолц ќе бидат разочарани. Ама да не му се секираме многу, ќе смисли Еди Рама и за нив некоја шега.

Поврзани содржини